Нов силен последователен потрес денеска го погоди Мјанмар

639
EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT

Уште еден последователен потрес, со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала, денеска го погоди Мјанмар, соопшти Европскиот сеизмолошки центар.

Земјотресот се случи во 9 часот и 20 минути на длабочина од 10 километри, на 260 километри јужно од Мандалеј и на 19 километри од главниот град Најпјидау.

Повеќе од 1.000 луѓе загинаа во последиците од земјотресот со јачина од 7,7 степени и неколку посилни последователни потреси што вчера го погодија Мјанмар.

Властите во Мјанмар соопштија дека 2.376 лица се повредени, а 30 лица се водат како исчезнати.

Земјотресот го погоди Мјанмар околу пладне и беше проследен со бројни последователни потреси, меѓу кои и еден со јачина од 6,4 степени.

Кина испрати 13,77 милиони долари помош за Мјанмар по земјотресот Во Тајланд, земјотрес го погоди поширокото подрачје на Бангкок, при што загинаа шест лица, 26 се повредени, а 47 се водат како исчезнати.

Руското Министерство за вонредни состојби соопшти дека 120 спасувачи биле испратени да помогнат во потрагата по жртви и расчистување на урнатините.

Два авиони тргнаа од Москва за Мјанмар, со анестезиолози, психолози и единици за кучиња трагачи.

Кина испрати дополнителен тим од 82 спасувачи од Пекинг, додека претходниот тим од кинеската провинција Јунан, која се граничи со Мјанмар, веќе пристигна.

Кинескиот претседател Си Џинпинг изрази сочувство до лидерот на Мјанмар Мин Аунг Хлаинг.

Министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, рече дека неговата земја ќе обезбеди помош преку Меѓународното движење на Црвениот крст.

Јужна Кореја ќе испрати хуманитарна помош од два милиони долари, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ