Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, сè уште нема „помирисано“ победа во АБА2-лигата оваа сезона, откако по пет одиграни кола во групната фаза претрпи исто толку порази и нема никакви шанси за прогрес понатаму.
Избраниците на Горан Самарџиев беа надиграни и од Сутјеска, во Никшиќ, со 94:75, па сега имаат уште еден меч за да го „обелат образот“, оној во последното коло, против Војводина, кој ќе се одигра на 18 декември, во Скопје.