Американскиот Стејт департмент денеска нареди привремен прекин на сите медиумски претплати како дел од обидот на владата да ги намали трошоците во јавниот сектор.
Претседателот Доналд Трамп го задолжи милијардерот Илон Маск да го води владиниот тим за намалување на трошоците, наречен DOGE, кој сега спроведува ревизии на федералните агенции кои бараат начини за намалување на трошоците.
Стејт департментот објави дека ги одложил сите „претплати на медиумите кои не се академски или професионални списанија“, без да открие колку долго ќе трае паузата.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, шеф на Стејт департментот, истакна дека сите трошоци на јавниот сектор мора да бидат усогласени со приоритетите на Трамп „Америка на прво место“.
„Вашингтон пост“, кој вчера прв објави за суспензијата на претплатите, се повикува на наводен меморандум од тоа тело во кое се повикуваат вработените прво и основно да ги раскинат договорите со „Економист“, „Њујорк Тајмс“, „Политико“, „Блумберг“, „Асошиетед прес“ и „Ројтерс“.
Портпаролот на „Њујорк Тајмс“, Чарли Стадландер, истакна дека „јавните службеници, како и Американците во приватниот сектор, имаат потреба од веродостојни информации за да ја завршат својата работа“.
„Владата, се разбира, има право да ја откаже секоја претплата што сака. Но, главниот резултат од ставањето на црната листа на независни медиуми е дека овие агенции и канцеларии сега ќе знаат многу помалку за она што се случува во светот. Тешко е да се види како тоа ќе биде од корист за жителите на САД“, додаде тој.