EPA-EFE/TOMS KALNINS

Никако да стивне бурата што го стресе спортот, односно настапот на холандскиот одбојкар на плажа, Стивен ван де Велде (29), на Олимписките игри во Париз. Холанѓанецот се најде во центарот на вниманието на светските медиуми откако беше откриено дека во 2016 година бил осуден на четири години затвор откако силувал 12-годишно девојче во Велика Британија.

Изненадувачки, холандските национални медиуми не обрнуваа многу внимание на приказната, но светските медиуми, вклучувајќи ги Би-би-си, „Дејли меил“, Си-ен-ен и „Њујорк тајмс“ дадоа многу информации и оцени за оваа вест. Ван дер Велде имал 19 години кога, преку социјалните мрежи, запознал 12-годишно девојче од Англија. Тој отпатувал од својата родна земја до Милтон Кејнс за да ја запознае ученичката, која на крајот ја силувал, иако знаел за нејзината возраст.

Тој признал три точки за силувањето и бил осуден на четири години затвор во Англија. Нему му било дозволено да ја отслужи казната во Холандија, каде бил ослободен по една година зад решетки. Неколку месеци подоцна, продолжил со кариерата. Со соиграчот Метју Имерс, обезбеди виза за настап во Париз.

Потоа, Холандскиот олимписки комитет и холандската одбојкарска асоцијација го поддржаа, а Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) соопшти дека нема никаква улога во одлуката на Холандската одбојкарска асоцијација да го избере осудениот силувач за настап на Олимпијадата.

  • Не можам да го променам тоа, па ќе морам да ги сносам последиците. Тоа беше најголемата грешка во мојот живот – изјави Ван дер Велде во интервју за холандските медиуми.

Холандската одбојкарска асоцијација го поддржува учеството на Ван дер Велде во Париз.

  • Ја знаеме историјата на Стивен. Тој беше осуден според англискиот закон и ја отслужи својата казна. Оттогаш сме во постојан контакт со Стивен, кој сега е целосно реинтегриран во холандската одбојкарска заедница. Тој докажува дека е примерен професионалец и човек и немаше причина да се сомневаме во него по неговото враќање –

нагласи Мишел Еверарт, генерален директор на холандската одбојкарска асоцијација.

Поради своето минато, Холанѓанецот нема да биде сместен во Олимпиското село, туку надвор од него, а холандскиот Олимписки комитет донесе одлука да го оддалечи од новинарите со тоа што не му дозволува да помине низ микс-зоната по мечевите.

Коментарите за одлуката на Холандскиот олимписки комитет доаѓаат од сите страни. Австралискиот олимписки комитет, исто така, објави дека „никогаш не би избрале осуден силувач за Олимписките игри“.

  • Ако имал спортист или член на персоналот таква историја, нема да му биде дозволено да биде член на нашиот тим. Имаме строги правила за заштита во нашиот тим – истакна Ана Меарес, шефица на Мисијата на австралиската федерација.