Нов нацрт-договор: САД ќе вадат минерали, нафта и гас низ цела Украина, без да инвестираат и без да дадат безбедносни гаранции

148

САД им доставиле на Украина нов нацрт-договор за минерали датиран со 23 март, што мора да биде ратификуван од Врховната рада. Документот обезбедува американски пристап до сите минерали низ Украина, вклучително и сегашната и идната експлоатација, објави вчера членот на украинската Врховна Рада, Јарослав Железњак на својот канал „Телеграм“.

Тој вели дека документот го добил вчера од претставници на украинската влада, а од американска страна наводно бил испратен како нов нацрт-договор за минерали, пренесе Индекс.хр. Жељежњак, исто така, истакна дека ова не е конечен документ и изрази надеж дека Украина ќе бара и ќе постигне значителни промени. Според него, документот има 18 делови и 58 страници и не е рамковниот меморандум за намери што постоел пред скандалозниот состанок во Овалната соба, туку станува збор за полноправен „голем и многу јасен договор, кој не е во интерес на Украина.

Жељежњак ги објави и главните точки во документот. Една од нив е дека ќе има одбор кој ќе се состои од пет лица, од кои три од САД со целосно право на вето. Потоа, овој документ се однесува на сите минерали, како и на нафтата и на гасот, и тоа на сегашната и на идната експлоатација, која низ цела Украина би ја вршеле државни и приватни компании. Парите веднаш се претвораат во странска валута, а оние од Фондот се префрлаат во странство, при што ако нешто не стигне поради некоја причина од украинска страна, ќе има дополнителна наплата. Понатаму се наведува дека американскиот придонес е обезбедената помош од 2022 година, дека САД можат да остваруваат профит по сопствена дискреција, потоа дека прво тие добиваат „хонорари“ од Фондот (а потоа Украина) +4% и дека договорот важи на неопределено време. Според објавеното, промени или раскинување може да се направат само со дозвола на Американците, а тие имаат и право на вето за продажба на ресурси на други земји. Во документот нема ништо за безбедносни гаранции, дури ни навестување. Жељежњак, исто така, нагласи дека документот содржи „куп“ правен текст.

-Тоа може и треба да се промени. Во спротивно, не можам да замислам како Парламентот може да го ратификува, заклучи тој.

 

ИЗДВОЕНИ