Норвешкото производство на природен гас, кое стана клучно за надоместување на загубата од испораките на руски гас во Европа, достигна нов рекорд минатата година со 124 милијарди кубни метри гас.
Норвешката управа за нафта објави дека Норвешка го надминала претходниот рекорд од 122,8 милијарди кубни метри гас постигнат во 2022 година кога Русија започна голема инвазија на Украина, пренесува Мина, повикувајќи се на SEEbiz.
Како резултат на конфликтот во Украина, испораките на руски гас во Европа нагло се намалија, а Норвешка ја презеде Русија како главен снабдувач на гас на стариот континент.
Генералниот директор на Управата, Торгеир Стордал, рече дека откако на крајот на годината престана транспортот на гас од Русија преку Украина, гасот од Норвешка стана уште поважен.
Гасот сочинува повеќе од половина од производството на јаглеводороди во Норвешка, кое се очекува да остане високо пред да падне кон крајот на 2020-тите, се вели во извештајот.