Нормализиран јавниот превоз, ама времено

242

Револтот од случувањата со јавниот превоз вчера, пред Град Скопје, го искажаа и граѓаните од Општина Шуто Оризари и студентите.   Жители од населбите Топанско Поле, Шуто Оризари и Скопје-Север, поднесоа петиција до Град Скопје, а од понеделник и до Владата и до Министерството за локална самоуправа. Тие се огорчени бидејќи, како што велат, се заборавени од власта, а приватните превозници не возат кон нивните населби веќе подолго време. Побараа итно да се најде решение за состојбата со која се соочуваат. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, кој го организираше протестот, ја повика скопската градоначалничка да понесе одговорност. Притоа, побара итно ЈСП да постапува според возниот ред, но и да се ревидира одлуката во Шуто Оризари да возат само приватните превозници, но и да се обезбедат услови редовно да се собира сметот

 

Јавниот градски превоз во градот од утринава полека се нормализира, откако Владата донесе одлука да му позајми нафта на ЈСП од државните резерви. Африм Муча од Независниот синдикат на возачи при ЈСП потврди дека нафтата за автобусите била испорачана уште претходната вечер.

– Испорачана е нафтата, колку возила се пуштени точно не знам, но полека превозот се нормализира. Според договорот, нафта ќе има за седум дена, а, во меѓувреме, Градот треба да распише тендер за набавка на нафта – објасни Муча.  

Директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски, истакна дека сите автобуси што се во возна состојба, редовно ќе сообраќаат.

На вонредната седница што се одржа во вчера доцна попладнето, советниците во Град Скопје со 29 гласа „за“ усвоија заклучок со кој предлагаат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја извршува дејноста за кое е основано.

Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предлага и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите со градскиот превоз. Усвојувањето на овој заклучок следуваше по двочасовната расправа во која имаше пофалби за владината одлука, но и партиски препукувања.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на почетокот од седницата, ја пофали одлуката на Владата, посочувајќи дека успеале, во разговор со премиерот Христијан Мицкоски, да ја добијат потребната количина гориво што ќе биде доволна за претпријатието да може да функционира во нормални услови до моментот додека не се склучи новиот договор.

Таа, оценувајќи ја одлуката на Владата како позитивен пример, се осврна и на минатото, велејќи дека проблемите не се од денеска, ниту се од вчера, туку дека скопските јавни претпријатија веќе традиционално три децении се загубари. 

Денеска, пред Град Скопје, масовно се собраа граѓани од Општина Шуто Оризари, а со нив се солидаризираа и студентите. Од сите страни се слеваше река луѓе, кои трубеа и извикуваа: „Скопје бара превоз“.

Меѓу оние што протестираа, можеа да се видат и транспаренти на кои беше напишано „Данела оди си, Данела грда си“, „Што уште треба да се случи за да дадете оставка?“, „Ветуваа редовни линии, добивме само лаги“, „Сите заедно заслужуваме редовен превоз“…

Група граѓани од населбите Топанско Поле, Шуто Оризари и Скопје-Север поднесоа петиција до Град Скопје и од понеделник и до Владата и до Министерството за локална самоуправа. Тие се огорчени бидејќи, како што велат, се заборавени од власта, а приватните превозници не возат кон нивните населби веќе подолго време. Велат, бројот на автобуси кон нивните населби е симболичен и итно бараат да се најде решение за состојбата со која се соочуваат.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој беше иницијатор на протестот, истакна дека се дојдени за да го искажат револтот поради нефункционирањето на јавниот превоз.

Тој потенцираше дека 40.00 граѓани од оваа општина се без јавен превоз. Во нивно име, градоначалникот праша: „Зошто само во Шуто Оризари 90 проценти од јавниот превоз го покриваат приватните превозници?“, нагласувајќи дека се работи за дискриминаторско однесување.

Тој ја повика скопската градоначалничка да понесе одговорност. Притоа, побара итно ЈСП да постапува според возниот ред, но и да се ревидира одлуката во Шуто Оризари да возат само приватните превозници, како и да се обезбедат услови редовно да се собира сметот.

По протестот, со реакција се јавија од Град Скопје.

– Пред да го организираат протестот од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари, Ерџан Демир, кој ги предводи и кој воедно беше и кандидат за пратеник од таа партија, би требало да ги информира своите сограѓани дека во Шуто Оризари нема јавен превоз, бидејќи советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје одбива да им овозможи на приватните превозници да возат на нивните автобуски линии согласно со барањата што ги имаат доставено до Трајко Славевски, пред неколку месеци – соопштија градските власти.

Оттаму додаваат дека е срамно и лажењето на Курто Дудуш, кој ги тера своите сограѓани да протестираат на температури под нулата за тој да ѝ се допадне на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се надева на поддршка за следен мандат.

Притоа, потенцираат и дека е срамно да се злоупотребува најзагрозеното малцинство во Македонија за остварување на теснопартиски политички цели.

(А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ