Имињата минатата недела ги понуди шестчлена преговарачка група, но во неа не беше италијанската премиерка Џорџа Мелони, иако нејзиниот десничарски блок Европски конзервативци и реформисти сега е третата најголема група во Европскиот парламент. На самитот на ЕУ што се одржуваше вчера и завчера во Брисел, таа остана воздржана околу номинацијата на Фон дер Лајен, но беше против Кошта и Калас. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, незадоволен од начинот на кој се избрани челниците на ЕУ, гласаше против Фон дер Лајен, а беше воздржан за номинацијата на Калас. Фон дер Лајен би добила втор петгодишен мандат, Калас би станала прв лидер од Источна Европа, а Кошта би бил прв човек кој не е бел на врвна позиција во ЕУ
Европските лидери ја номинираа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за втор петгодишен мандат. Втората важна функција, еврокомесар за надворешни прашања и ја доверуваат на естонската премиерка Каја Калас, која треба да го замени Жозеп Борел, а поранешниот португалски премиер Антонио Кошта е номиниран за нов шеф на Европскиот совет, откако му истече мандатот на Шарл Мишел. Сите тројца доаѓаат од центристичките блокови во ЕУ. По вчерашната номинација изборот ќе го прави Европскиот парламент најрано на 18 јуни, со исклучок на Калас, која наесен треба да помине низа сослушувања.
Овие имиња минатата недела ги понуди шестчлена преговарачка група, но во неа не беше италијанската премиерка Џорџа Мелони, иако нејзиниот десничарски блок Европски конзервативци и реформисти сега е третата најголема група во Европскиот парламент. На самитот на ЕУ што се одржуваше вчера и завчера во Брисел таа остана воздржана околу номинацијата на Фон дер Лајен, но беше против Кошта и Калас. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, незадоволен од начинот на кој се избрани челниците на ЕУ гласаше против Фон дер Лајен, а беше воздржан за номинацијата на Калас.
-Ова трио ќе биде одличен тим, изјави Калас.
Овие три позиции се исклучително значајни, иако најважните одлуки во ЕУ се носат со консензус. За најмоќна од сите се смета функцијата, која по вторпат би требало да ја добие 65-годишната Фон дер Лајен, бидејќи Европската комисија е практично влада на ЕУ, таа е извршна власт и ги предлага законите. Во изминатите пет години на чело на ова тело, Фон дер Лајен, меѓу другото, се покажа вешта во собирањето повеќе пари за Европската комисија, откако лидерите на ЕУ одлучија дека институцијата треба да биде одговорна за фондовите за реконструкција по пандемијата со ковид-19. Иако тоа не е во нејзиниот мандат, таа е најзаслужна и за обезбедувањето кандидатски статус за Украина, Грузија и Молдавија, а имаше големо влијание и за обезбедување долгорочно финансирање на Украина. Во овој мандат би требало да ѝ биде полесно, зашто досега, како што анализира Радио Слободна Европа, „лошо се снаоѓаше со претседателот на другата страна, Белгиецот Шарл Мишел, кој го предводеше Европскиот совет. Нивната потреба за моќ и големо его беа материјал за бескрајни бриселски озборувања и одредена институционална дисфункција.“ Инаку, годинава по вторпат магазинот „Форбс“ ја прогласи Урсула Фон дер Лајен за најмоќна жена на светот. Но, има и такви кои ја критикуваат и ја сметаат за неуспешна и корумпирана. Нејзиното семејно стебло води до некои од најголемите германски нацисти, но и до најголемите британски трговци со робови. Сепак, нејзиниот татко бил еден од првите државни службеници во ЕУ, а таа е прва жена на чело на ЕК.
Другата дама, 47-годишната Естонка Каја Калас, е позната по својот силен антируски став, поради што во февруари годинава по неа Русија распиша потерница. Исто така, таа беше многу гласна и за демократското назадување на Грузија. Калас важи за голем поддржувач на проширувањето на ЕУ. На местото шеф на европската дипломатија,таа би била надлежна и за посредување во дијалогот Белград-Приштина. Многумина се прашуваат како таа, која е позната по тоа што нема „влакна на јазикот“, ќе се снајде на чело на дипломатите на ЕУ. По занимање е адвокатка, а политичар е и нејзиниот татко, кој бил премиер на Естонија и европски комесар. Таа е прва политичарка од Источна Европа која е избрана на висока лидерска функција во ЕУ.
Најприфатлив за речиси сите шефови на држави и влади на земјите на ЕУ излезе Португалецот Антониот Коста. Тој е адвокат, но и искусен, зрел политичар на возраст од 62 години. Во својата земја извршувал голем број функции, почнувајќи од градоначалник на главниот град Лисабон, преку повеќе министерски позиции до премиер, функција од која се повлече лани во екот на истражувањето на корупциска афера поврзана со рудници за литиум во која подоцна се покажа дека не бил вмешан. Функцијата претседател на Европскиот совет треба да ја преземе во декември годинава, со што ќе биде прв лидер на таа институција кој не е бел. Неговиот татко има мозамбичка и индиска крв, поради што го нарекуваат Ганди од Лисабон.
Украина добива десетгодишна политичка, финансиска и воена помош
Бриселскиот самит во петокот попладнето почна со склучување безбедносен договор меѓу Европската Унија и Украина. Договорот ветува политичка, финансиска и воена помош во следните десет години.
Украина веќе има склучено слични билатерални договори со 17 земји, меѓу кои Германија, Франција и САД. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го потпиша договорот им се заблагодари на собраните лидери на ЕУ за нивната поддршка во изминатите две и пол години од почетокот на рускиот напад.
ЕУ, пак го обнови своето ветување дека ќе ѝ помага на Украина сè додека тоа е потребно. Во исто време, пристапните преговори со Киев, кои почнаа во вторникот, треба да се одвиваат брзо.
Канцеларот Олаф Шолц ѝ вети на Украина натамошна поддршка и „солидарност во тешки времиња“. Но, тој исто така побара ЕУ да се справи со распределбата на товарот за сместување на украинските воени бегалци. Полска, Чешка, Германија и некои други земји во кои се сконцентрирани најмногу бегалци очекуваат финансиска помош од другите членки на ЕУ.