Американската академија за филмски уметности и науки денеска соопшти дека повторно го одложи објавувањето на номинациите за Оскар до 23 јануари, поради пожарите кои продолжуваат да беснеат во областа на Лос Анџелес.
Во исто време, Академијата го откажа и својот годишен ручек, кој требаше да се одржи на 10 февруари, објави Њујорк Тајмс.
Академијата, која е домаќин на „Оскарите“, објави дека уште еднаш ќе го продолжи периодот на гласање за номинации, а како што е најавено, номинациите ќе бидат објавени на 23 јануари во 5:30 часот по Пацифичко време.
Првично, номинациите за Оскар требаше да бидат објавени во петок, на 10 јануари, но Академијата го објави првото одложување од неколку дена минатата недела.
„Сите сме уништени од влијанието на пожарите и големите загуби што ги претрпеа многумина во нашата заедница. Поради сè уште активните пожари во областа на Лос Анџелес, сметаме дека е неопходно да го продолжиме периодот на гласање и да го поместиме датумот на објавување на нашите номинации да им овозможиме дополнително време на нашите членови“, се вели во соопштението на извршниот директор на Академијата Бил Крамер и претседателката Џенет Јанг.
Како што е најавено, 97. доделување на Оскарите, кои се сметаат за најпрестижната филмска награда во светот, ќе се одржи, како што беше претходно најавено, во недела на 2 март во театарот Долби во Лос Анџелес и ќе се емитува во живо во повеќе од 200 земји низ целиот свет.
Академијата додаде дека ќе учествува во оддавањето почит на оние кои се на фронтот кои помагаат во борбата со пожарите, ќе ги препознае погодените од нив и ќе ги охрабри луѓето да се приклучат во поддршката на напорите за помош.