Македонската државна гасна компанија „Номагас“ и грчкиот оператор за пренос на природен гас „Десфа“ го зајакнуваат партнерството што ќе значи отворање на нашата земја кон нови енергетски пазари и поголема сигурност во снабдувањето, а воедно и директно ќе се поддржи нашата транзиција кон одржливи извори на енергија. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, по потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу двата оператори, посочувајќи дека тоа е „јасна потврда на нашата стратешка визија да ги поврземе, да ги диверзифицираме и да ги подготвиме нашите енергетски системи за иднината“.

– Интерконекторот е дизајниран не само за денешните потреби, туку и за енергетската иднина, иднина во која одржливите технологии ќе играат клучна улога. Со овој чекор, не само што обезбедуваме поголема отпорност за нашата земја, туку и придонесуваме за посилен и поинтегриран енергетски регион во Југоисточна Европа – истакна Божиновска.

Заменик-министерот за животна средина и енергија на Грција, Никос Цафос, рече дека ова партнерство ја зајакнува врската помеѓу Грција и Македонија.

– Гасоводот Грција – Северна Македонија е стратешки проект кој ја зајакнува отпорноста и поврзаноста на нашиот регион, ги проширува економските и инвестициски можности, и ја потврдува Грција како клучна поврзувачка точка за Југоисточна Европа. Со заедничка работа и искористување на нашата експертиза, ги градиме темелите за побезбедна и одржлива енергетска иднина – истакна Цафос.

Извршниот директор на „Номагас“, Мухамет Елмази, рече дека „Номагас“ се позиционира како клучна врска за пренос на природен гас и водород кон Западен Балкан и Европа, зајакнувајќи ги и нивните енергетски системи.

– Сето ова ќе се реализира преку стратешки важното партнерство со „Десфа“, која како енергетска поврзувачка точка ја користи својата флексибилност и капацитет – рече Елмази.

 

ИЗДВОЕНИ