Низ Јапонија со рекордна брзина, се шири стрептокока од која умираат помладите

183

Лани беше регистриран рекорден број заразени, а за годинава се прогнозира уште поголем број заразени од оваа најтешка и потенцијално смртоносна форма на стрептококна болест од групата А – стрептококен токсичен шок синдром (СТСС). По потврдата за нејзиното присуство во Јапонија, се очекува таа да продолжи да се шири. Потврдени се инфекции во дури 45 од вкупно 47-те јапонски префектури

Бактериската инфекција што предизвикува таканаречен стрептококен токсичен шок, со рекордна брзина се шири низ Јапонија. Стапката на смртност е 30 проценти, а властите засега безуспешно се обидуваат да ја идентификуваат причината за нејзиното ширење.

Лани беше регистриран рекорден број заразени, а за годинава се прогнозира уште поголем број заразени од оваа најтешка и потенцијално смртоносна форма на стрептококна болест од групата А – стрептококен токсичен шок синдром (СТСС). По потврдата за нејзиното присуство во Јапонија, се очекува таа да продолжи да се шири.

– Сè уште има многу непознати фактори во врска со механизмите зад фулминантните (тешки и ненадејни) форми на стрептокока, и не сме во фаза каде што можеме да ги објасниме – објави Националниот институт за заразни болести (НИИД).

Според Институтот, бројот на потврдени случаи годинава сигурно ќе го надмине ланскиот. Минатата година биле регистрирани 941 случај, а само во првите два месеца од 2024 година заболеле 378 лица. Потврдени се инфекции во дури 45 од вкупно 47-те јапонски префектури.

Бактеријата е поопасна за помладите. Додека постарите луѓе се сметаат за изложени на поголем ризик, поголем број смртни случаи од сојот од групата А има кај пациентите под 50 години. Меѓу јули и декември лани, од 65 лица под 50 години на кои им била дијагностицирана болеста, починале 21, што е околу една третина.

Повеќето случаи на СТСС се предизвикани од бактеријата наречена streptococcus pyogenes, позната како стрептокока А. Бактеријата може да предизвика болки во грлото, главно кај децата, а многу луѓе ја имаат без да знаат и не се разболуваат.

Но, високозаразните бактерии понекогаш предизвикуваат сериозни болести, здравствени компликации и смрт, особено кај возрасните над 30 години. Постарите луѓе може да имаат симптоми слични на настинка, но во ретки случаи, симптомите може да се влошат и да вклучуваат тонзилитис, пневмонија и менингитис. Во најсериозните случаи може да доведе до откажување на органите и до некроза.

Според некои експерти, брзото ширење на оваа бактерија може да е поврзано со укинувањето на ограничувањата наметнати во текот на пандемијата на коронавирус.

– Имунолошкиот статус на луѓето по закрепнувањето од ковид-19 може да ја промени нивната чувствителност на некои микроорганизми. Мораме да го разјасниме инфективниот циклус на тешките инвазивни стрептококни пиогени болести и веднаш да ги ставиме под контрола – вели Кен Кикучи, имунолог од Женскиот медицински универзитет во Токио.

Тој е загрижен поради драматичното зголемување на бројот на пациенти со тешки инвазивни стрептококни инфекции.