Ниви под вода поради затрупани одводни канали

348

Дождот што деновиве континуирано паѓа, доведе до излевање на Маркова Река, но и општо, до зголемување на водотеците на повеќето реки во земјава. Од друга страна, затрупаните и неисчистени канали предизвикаа друг проблем.

На социјалните мрежи, граѓаните споделуваат фотографии од кои може да се види дека токму поради неодржување на каналите покрај регионалниот пат од Маџари кон Петровец, нивите покрај него се под вода.

Меѓу коментарите од граѓаните има и такви во кои се наведува дека виновни за ваквата состојба не се само институциите надлежни за одржување на каналите туку и несовесни луѓе, кои фрлаат во нив сè и сешто. Со тоа се оневозможува протокот на вода, поради што доаѓа до нејзино излевање.

Надлежна за одржување на каналите покрај регионалниот пат од Маџари кон Петровец е „Македонија пат“. Но оттаму, и покрај упорното барање, не успеавме да добиеме некој што би нè информирал за тоа дали и кога последен пат било интервенирано на овој потег и каков е нивниот план во иднина за преземање мерки со кои би се превенирале вакви излевања.

Од „Водостопанство – Скопско Поле“ информираат дека имало поплака од граѓанин за слични проблеми, но во делот кај Дрма, Општина Петровец, за што веднаш било излезено на терен.

– Во моментов, работиме на расчистување на каналите во  селото Огњанци, кое се наоѓа на територијата на Општина Петровец, со мал багер, но и во Илинден. Воедно, помагаме и во Батинци, по излевањето на Маркова Река, со багер гасеничар, а се испратени гасеничар и екипа и во Аеродром – објасни Бобан Пиперкоски, раководител во подружницата „Водостопанство – Скопско Поле“.

Пиперкоски истакна дека општините Гази Баба, Петровец и Илинден имаат склучено договори. Тој наведе дека тие ја одржуваат каналската мрежа според Годишната програма, од која, како што истакна, минатата година реализирале 90 проценти. „Водостопанство – Скопско Поле“ одржува 154 километри каналска мрежа.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ