Ништо од Рамацоти, Бочели или Цукеро за Нова година во Будва, и пречекот стана жртва на политичка војна

Аранжманите наголемо во продажба, а програмата за најлудата ноќ на староградскиот плоштад допрва ќе се прави

59

Регионалните туристички агенции, вклучувајќи ги и македонските, веќе ги продаваат новогодишните аранжмани за Будва, која се етаблира како град со најдобра забава за Нова година на плоштад во регионот, со настапи на најголемите балкански ѕвезди.

Интересот е голем иако годинава може да биде поинаку. Само два месеца пред прославата не се обезбедени изведувачи. Политичката војна што подолго време ја водат Општината и Туристичката организација може да биде причина Будва да остане и без традиционалниот пречек на Нова година, на плоштадот пред Стари Град. За да биде иронијата поголема, такво нешто може да се случи токму годинава кога треба да се одбележи 25-годишнината од организацијата на јавниот пречек на Нова година во метрополата на црногорскиот туризам.

Како што претходно изјавија од Туристичката организација за подгорички „Вијести„, тие имаат финансии за организација на тридневна програма и конципирана музичка програма со најголемите регионални ѕвезди, но од Општината цел месец чекаат зелено светло. Од ТО Будва велат дека се подготвени по повод јубилејот 25 години од организација на првиот јавен пречек, оваа година да ангажираат една светска ѕвезда, од калибар на Ерос Рамацоти, Цукеро, Бочели… но од општината не добиле одговор за нивна партиципација во организацијата.

-Имаме голем проблем поради односите меѓу Општината и Туристичката организација, влегуваме во ноември, а не знаеме кој ќе гостува на староградскиот плоштад во рамки на новогодишната програма. Тиват, Котор и Бар веќе ги објавија програмите за јавните дочеци на плоштадите, а Будва и понатаму молчи. Не викаат голем број сопственици на туристички организации со кои традиционално соработуваме, луѓето сакаат да знаат каква ќе биде новогодишната програма, бидејќи Будва во сите претходни години е препознаена по најдобрата програма која траеше повеќе денови, вели претседателот на Здружението на хотели на Црна Гора, Никола Пејовиќ.

Тој потенцира дека политиката мора да биде протерана од туризмот, зашто градот живее од таа стопанска дејност.

Се проценува дека за време на новогодишните празници Будва ја посетуваат од  30 до 50 илјади гости, главно со автобуси од регионот. Ги има од Македонија, БиХ, Хрватска, Србија, Албанија, Бугарија, а интерес има и од Турција.  Само од Македонија годишно доаѓаат по 50 автобуси, односно најмалку 2.000 луѓе најлудата ноќ ја поминуваат на плоштадот во Будва.

Пејовиќ се надева дека годинава ќе се надмине посетата од претходно, но, како што посочува, мора да се знае каква е програмата, зашто тоа е предуслов за продажба на аранжманите.

Инаку, македонските туристички агенции пакетот за пречек на Нова година во Будва го продаваат по цена од 110 евра па нагоре, а во него најчесто се вклучени две ноќевања, прошетка низ градот, факултативен излет до Котор и Тиват по цена од триесетина евра и до Дубровник за 35 евра.