Спроведената анкета меѓу холандските компании во земјава покажува дека тие ја оцениле бизнис-климата во државата со 5,7, што е за 6 % подобар резултат споредено со резултатите од последната анкета во 2022 година. Недостигот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука, како и корупцијата и непредвидливото бизнис- опкружување, се идентификувани како главни пречки во водењето бизнис
Ниските оперативни трошоци, владината поддршка, растечката побарувачка за нивните производи, како и леснотијата на водењето бизнис, се клучните фактори за проширување на бизнисот на холандските компании што работат во земјава. Ова е нотирано како заклучок во анкетата спроведена меѓу холандските компании во земјава. Ова, пред претставниците од владините институции, економските комори,
холандскиот бизнис-сектор и бизнис-асоцијациите, го претстави амбасадорката на Холандија во земјава, Узлем Џанел, со што се одбележа Денот на холандскиот претприемач.
– На скала од 1 до 10, учесниците во анкетата ја оценија бизнис-климата во државата со 5,7, што е за 6 % подобар резултат споредено со резултатите од последната анкета во 2022 година. Недостигот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука, како и корупцијата и непредвидливото бизнис-опкружување, беа идентификувани како главни пречки во водењето бизнис. Седумдесет и пет проценти од испитаниците сметаат дека достапноста на дигиталните јавни услуги е многу важна за нивното ефикасно работење и за намалување на трошоците – истакна амбасадорката Џанел.
Речиси сите холандски компании што работат во земјава се активни на полето на корпоративно-општествената одговорност, со главен фокус на заштитата на животната средина, безбедноста при работата и политиките за добросостојба на вработените.
Амбасадорката Џанел ја нагласи важноста на претприемачите како суштинска движечка сила за иновации, напредок и за општествени промени.
– Го славиме претприемачкиот дух, кој е многу повеќе од отворање на еден бизнис. Претприемништвото подразбира и издржливост, визија и храброст, кои водат кон нови можности и раст – рече таа.