Олеснителните околности за обвинетиот Менсур Пајазити што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска, претежнаа на вагата на тетовскиот судија Ељведин Ферати во однос животот на младата девојка. Од максимални пет години затвор колку што се предвидени за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, Ферати пресуди две и со тоа ја намали првичната одлука, која беше во висина од три и пол години.
Откако јавноста откри низа скандали по патот до судиската функција на Ферати, се заклучува дека ниските бројки ја обележуваат неговата правна кариера. Антикорупциската комисија, во 2023 година, обелодени дека оценките на судијата Ферати на Правниот факултет во Тетово биле пречкртувани и поправани во повисоки и дека за тоа немало пријави за преполагање на испити. Дека на Ферати му пораснал просекот без да постои доказ за тоа, утврдил и Просветниот инспекторат и пријавил во ОЈО. Оттаму денеска информираа дека пред еден месец го затвориле предметот за лажирање на просекот со цел Ферати да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи Тетовскиот универзитет им испратил пријави за преполагање на четири испити.
– Со нив, Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек од над 8.00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители – пишува во соопштението на ОЈО.
На интернет-страницата на Основниот суд во Тетово пишува дека судијата Ељведин Ферати суди предмети од граѓанската, а не од кривичната област, како што е предметот со сообраќајката. Во неговата биографија стои дека откако волонтирал во Судот, работел во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, па повторно се вратил во Судот, како стручен соработник. За судија е избран во 2020 година.
Судскиот совет тогаш не отвори предмет за просекот на судијата Ферати, кој бил дел од шестата генерација на Академијата, а со оглед на тоа што го чекаше исходот од обвинителската истрага, нема да се случи тоа.
Политичките чинители во земјава го повикаа Судскиот совет да ја преиспита работата на судијата Ферати по пресудата од две години за возачот што ја прегази младата Теодора.
– Тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Јавно да прашам, има ли некој во државава што смета дека имаме задоволена правда тука?! Јас не само што не сметам дека е задоволена правдата, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца, сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека ќе ми се налути некој, ќе излезат и такви полноглавци то ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда – рече Мицкоски.
Тој додаде дека ова не е партиска борба, туку битка за вистина, одговорност и правда.
– Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица и сите што на кој било начин придонеле да се случи оваа трагедија. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и ви ветувам дека ќе ја истераме правдата до крај. Ова е момент кога мораме да покажеме дека важат законите за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата – порача Мицкоски.
И министерот за правда, Игор Филков, го повика Судскиот совет да реагира по пресудата на судијата Ферати.
– Уште еднаш се покажа дека довербата на граѓаните во судството од два отсто не е џабе – рече министерот за правда.
Тој ги нагласи реакциите на јавноста и на семејството по судиската одлука.
– Јас ниту смеам ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што, секако, сакам да го коментирам е реакцијата на јавноста, а реакцијата на јавноста е оној глас на народот што е многу битен, што треба да допре до секого од нас, вклучително и до Судскиот совет, кој е повикан да реагира. За тие два отсто доверба во судството уште еднаш се покажа дека не се џабе – рече Филков.
По неколку одложувања поради болест на обвинетиот возач Пајазити, вчера почна рочиштето на кое судијата Ељведин Ферати веднаш ја изрече казната две години затвор за стореното дело. Одлуката на Судот предизвика гнев и неверување кај членовите на семејството на Ристовска.
– Колку вреди животот во Македонија? Колку вреди животот на сестра ми? Дали може некој да ѝ го врати животот? – прашуваше сестрата на Теодора, Ева Ристовска.
Таткото, кога ја слушна пресудата, крајно револтиран, истрча од судницата.
– Згаден сум од оваа држава! Што да очекувам од оваа држава? Плачам за правда, правда нема. Нема никогаш да има правда во оваа држава – изјави родителот во плач.
Неодамна, Судскиот совет, во случајот со сообраќајката во која загина Фросина Кулакова, констатира дека немало прекршување на законот од страна на судијката од Кривичниот суд, Даниела Алексовска-Стојановска. Таа му изрекла заводска мерка на возачот Васил Јованов, кој ја прегази младата девојка.
Судското (не)одлучување, бавната и селективна правда резултираа со протести по несреќите во кои загинаа млади луѓе. (П. А.)