Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека ќе остане лидер на Шпанија, по пет дена шпекулации за неговата иднина, јавува Би-би-си. Санчез минатата недела објави дека ги откажува сите официјални ангажмани, откако судот отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга под обвинение за корупција.
Тој ги нарече тие обвинувања „кампања за вознемирување организирана од десничарските медиуми“.
Санчез е на власт од 2018 година.
Неговата одлука минатата недела да ги прекине своите должности за да размисли дали да продолжи како премиер, беше изненадување дури и за луѓето од неговата Социјалистичка партија (ПСОЕ).
„Тие се обидуваат да ме скршат поради тоа што сум (…) Мојата сопруга и јас знаеме дека оваа дискредитирачка кампања нема да престане. Оваа злоупотреба ја трпеме десет години“, додаде тој во своето обраќање.
На новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања за време на обраќањето, известуваат агенциите.
На 16 април, судијата во Мадрид отвори истрага против 49-годишната Бегоња Гомез врз основа на текстови објавени во онлајн весникот El Confidencial. Гомез е осомничена дека напишала препорака до приватни компании кои аплицирале на јавни тендери, а исто така и за односот со авиокомпанијата „Air Europa“ во текот на 2020 година, кога оваа авиокомпанија беше спасена од владата со буџетски средства. Сопругата на Санчез е раководител на постдипломскиот курс за претприемништво на јавниот универзитет Комплутенсе во Мадрид. Истрагата треба да утврди дали имало конфликт на интереси.
Пријавата до судот ја поднесе синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце), кој владата го обвинува за припадност на „екстремната десница“ и учество во „обидот за рушење на власта“.