Претседателката Гордана Силјановска-Давкова сè уште не ги потпишала измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани пред десет дена во Парламентот. Таа беше прозвана од Зелен хуман град да не става параф, оценувајќи ги законските измени за контроверзни, бидејќи, како што изјавија оттаму, се овозможува уништување на плодно земјоделско земјиште со поставување фотоволтаични централи и ветерници.
Сиљановска-Давкова на средбата со ресорниот министер, Александар Николоски, разговарале и за последните измени на Законот за урбанистичко планирање.
Министерот Николски ја информирал дека мнозинството од 68 гласа „за“ зборува за висок степен на усогласеност на пратениците.
– Со законските измени, во поглед на поставувањето фотоволтаични централи и ветерници, тој не гледа зголемена опасност за плодното земјиште и смета дека постојат правни механизми за нејзино спречување – соопштија од Министерството за транспорт и врски.
За „Зелен хуман град“ уништувањето плодно земјоделско земјиште во ера на климатска криза е погубно за Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека македонското земјоделство со децении се соочува со низа удари предизвикани од лоши владини политики, поради што имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увозот на храна. Оттаму остануваат на ставот дека зелената енергија ѝ е потребна на земјава, но да не се поставуваат фотоволтаични системи на плодни ниви, туку на покриви од објекти.
Од Демократската обнова на Македонија (ДОМ) велат дека се категорично против „уништувањето на земјоделското земјиште за, како што велат„ профит на бизнис-интереси под превезот на зелена енергија“.
– ДОМ отсекогаш се залагал за обновливи извори, но не на сметка на домашното производство на храна и егзистенцијата на земјоделците. Оваа одлука е погрешна и штетна! Наместо да се користат веќе деградирани површини, индустриски зони и покриви на објекти, властите легализираат уништување на плодни полиња. Ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза на сметка на иднината на земјоделството – велат од ДОМ.
(С.Бл.)