Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, е во работна посета на Унгарија, каде што ќе присуствува на состанокот на министрите за транспорт на земјите членки на Европската Унија.

На состанокот во Будимпешта ќе се разговара за приоритетите во транспортниот сектор, како клучен фактор во економската интеграција на ЕУ и конкурентноста.

Покрај министрите за транспорт од Унијата, на неформалниот состанок ќе учествуваат и министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан, од земјите од ЕФТА, понатаму Украина, Молдавија и Грузија, како и претставниците на институциите на Европската Унија и на транспортните организации, соопшти Министерството за транспорт.

Предвидено е собирот на министрите да биде во две сесии. На првата сесија ќе се зборува за подобрувањето на конкурентноста на транспортниот сектор на ЕУ, преку дебата за подобрување на поврзаноста меѓу ЕУ и соседните земји, предизвиците и можностите што произлегуваат од зелениот транспорт, како и дигитализацијата во транспортот.

– Посебен фокус во втората сесија ќе бидат железничкиот сектор, мерките и стратегиите потребни за воспоставување брза железничка мрежа, подобрување на врските помеѓу руралните и урбаните места и мобилизирање на ресурсите неопходни за подобрување на конкурентноста на секторот. Состанокот на министрите е организиран од Унгарија, во рамки на нејзиното претседателство со Европската Унија – стои во соопштението од Министерството за транспорт.