Николоски: Изградбата на брзата пруга Скопје – Солун е најголем приоритет за државата

21

Изградбата на брзата пруга на Коридoрот 10 е најголем приоритет за државата. Ќе ја почнам и ќе ја изградам во два мандатa. Овој проект е исклучително важен од економски апсект и ќе овозможи земјава да фати чекор со светот, наместо да остане слепо црево, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во гостувањето на „Само интервју”, Николоски потенцира дека не е против изградба на пруга кон Бугарија.

-Не сум против изградба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција врз мене и претседателот на Владата, што јавно беше истакнато, нагласи министерот во врска со третата фаза од пругата кон Бугарија.

Според него, брзата пруга Скопје – Солун ќе значи развој на државата во целина зашто покрај пругата, може да се градат потенцијално економски зони кои како поевтин транспорт би го користеле железничкиот.

-Најголем приоритет ми е да ја изградам брзата пруга на Коридорот 10, имаме голем интерес да се изгради таа пруга со висока технологија. Нема поважен проект од овој зашто земјава ќе ја однесе во иднината. Проектот е исплатлив, а постои и проект од 1978 година за пруга со брзина од 140 до 250 километри на час. Тој проект не се реализирал веројатно поради распадот на Југославија. И тој проект би не чинел поевтино од пругата кон Бугарија, некаде по километар меѓу 6 до 10 милиони евра, што значи ако Македонија има околу 215 километри  пруга од Табановце до Гевгелија, тоа би значело некаде од 1,6 милијарди до 2,1 милијарда евра да се изгради пруга со две линии. Потенцирам тоа ќе биде пруга со две линии. Проектов ќе го завршам и нема да биде изграден од руска, кинеска или индиска компанија, ќе го почнам и ќе го завршам, бидејќи очекувам ВМРО-ДПМНЕ да има два мандата, истакна министерот Николоски.

Тој најави дека во текот на утрешниот ден на состанокот на министри на ЕУ во Будимпешта, ќе се сретне со министрите за транспорт од Грција, Србија Унгарија и Австрија, каде меѓудругото фокус тема на разговорите ќе биде и изградба на брзата пруга на Коридор 10.

Во врска со уставните измени и односите со Бугарија, повтори дека не е чесно да се градат политички кариери со притисок за уништување на еден народ.

-Доколку сака, ЕУ може да го реши проблемот со нас и тоа да го стори за едно претпладне или попладне, многу посилни држави од нас ги клекнале на колена. Што правиме со 14-те пресуди од Стразбур што се однесуваат на македонското малцинство, а Бугарија не сака да ги имплементира? Спремна ли е Софија да не ја блокира Македонија во тек на преговорите? Ако е така треба да се согласат за уставните измени со одложено дејство. Што им менува на Бугарите дали сега ќе влезат во Уставот или за неколку години? Не може Украина да стане дел од ЕУ од никаде, а земји од Западен Балкан што чекаат и исполнуваат услови, да не можат. Не покажаа минимум пристојност со не-истакнувањето на државното знаме. Сегашната официјална позиција на Бугарија е далеку од реалноста. Бугарскиот и македонскиот народ се многу блиски, не е чесно да се градат политички кариери со притисок за уништување на еден народ, рече Николоски.