Со поетско читање на македонски и на англиски јазик во Њујоршката јавна библиотека (New York Public Library), Никола Маџиров деновиве го отвори Светскиот поетски салон. Настанот се случи во рамки на Фестивалот на светската литература и уметност (World Literature and Arts Festival) кој се одржува од 14 до 30 април во салите на библиотеката.

Пред околу сто и педесет присутни гости, македонскиот поет настапи заедно со американската џез-композиторка, пејачка и мултиинструменталистка Бека Стивенс. Таа, заедно со лидерот на „Снарки Папи“ — Мајк Лиг, веќе компонираа песна според стиховите од песната „Окото“ (The Eye) на Никола Маџиров, која ја исполни на отворањето на Светскиот поетски салон. Истата вечер премиерно ја изведе и нејзината нова композиција „Ние немаме сон“ (We Have No Sleep) според истоимената песна на Маџиров. Оваа композиција ќе се најде на еден од следните албуми на Бека Стивенс. По поетско-музичкиот перформанс, Маџиров разговараше со Патрицио Ферари, аргентински поет-полиглот, универзитетски професор и преведувач на Песоа и Пизарник.

Настанот се реализираше во организација на „Њујорк паблик лајбрери“ и „Лајмлајт поетри“ од Њујорк.

ИЗДВОЕНИ