Никола Маџиров: „Дом во тишина“ е книга што немаше да постои ако не беше гласноста на светот

Промовирано ново дело на еден од најпреведуваните македонски поети

101
„Книгата ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици и на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.

 

„Пишувањето е потрага – да се најдат границите на јазикот и на тишината. Тишината не е отсуство на звук. Тоа го имам согледано слушајќи музика. Исто така, молкот не е неможност да се каже нешто без зборови. Есејот ме враќа на она отуѓување од веќе дефинираното, ме враќа да ја преиспитам секоја официјална вистина. Ова е и книга на благодарности, свесноста дека не почнало сè од нас и дека треба да бидеме благодарни на другите. ‘Дом во тишина’ е книга што немаше да постои ако не беше гласноста на светот…“, кажа Никола Маџиров, еден од најпреведуваните македонски поети во светот, на промоцијата на неговата нова книга на есеи „Дом на тишина“ во издание на „Арс Либрис“.

Тој посочи дека оваа книга немаше да биде ако не беа разговорите за домовите и невдоменоста со Елизабета Шелева, ако не беа мислите и тишините на драгите пријатели при сите прошетки и битки…

„Оваа книга немаше да постои ако не беа стиховите на моите драги учители на отсуствата и на сочувствата со раните на светот, ако не беа прогоните, клучевите и враќањата. Оваа книга немаше да постои без јазикот на тивкото детство, без заборавот и без кревката архитектура на осаменоста, без слободата на сомневањето кон секоја лесно понудена слобода. Оваа книга немаше да постои ако не беа мртвите што ми доаѓаат во сонот и живите што сонуваат за мирно будење“, истакна Маџиров.

Со оглед дека секоја средба со него и секој разговор се поетични, таква беше и промоцијата на оваа прва есеистичка книга на Никола Маџиров, која во просторот на „Литература.мк“ во рамките на „Денови на литературата“, беше промовирана од уредничката Оливера Ќорвезироска и авторот на поговорот – Владимир Јанковски.

Ќорвезироска истакна дека „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност, со оглед дека оваа, како и претходната книга на Маџиров „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосема нови.

Инаку, ова издание содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани како „Бездомни“, „Севремени“ и „Епистоларни“.

„Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високо поетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. ‘Бездомни’, ‘Севремени’ и ‘Епистоларни’ во конкретниот случај се однесуваат на есеи, но можат имплицитно да се однесуваат и на песни, животи, идеи, чувства, мисли итн…“, велат од издавачката куќа.

Во поговорот, Владимир Јанковски, пак, посочи дека есеите на Маџиров се песни во есеи, есеизирана поезија. Тој истакнува: „Поетиката на Маџиров е база, темел и на неговите есеи. Дали пишува за јазикот, за поезијата или за конкретен автор, поет… Маџиров никогаш не се одлепува од стихот како метафора за неговиот творечки хабитус. Темите  за кои ги има напишано своите најубави песни, Маџиров не ги напушта ни тогаш кога ќе ја напушти песната. Ги носи со себе и во друг жанр, овој пат (во „Дом во тишина“) ги носи во есеистиката. Домот, детството, пишувањето, смртта, тишината… се стожерите околу кои се врти и забрзува ова исклучително творештво создадено на македонски јазик“.

Книгата, ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици и на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Литричр енд арт нетворк“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.

Покрај „Дом во тишина“, издавачката куќа „Арс Ламина“ минатата година ги објави и неговата прва книга за деца „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска (импринт „Либи“) и „Шестарот на времето“ („Арс Либрис“), со неговото целокупно поетско творештво.

ИЗДВОЕНИ