Откако екипата на Денвер реши да го отпушти тренерот Мајкл Мелоун, како и генерален директор Келвин Бут, почнаа шпекулациите за трејд на првата ѕвезда на тимот, Никола Јокиќ. Ниту Србинот не е задоволен од неочекуваните потези на Денвер и отказот на главниот тренер.
Јокиќ е една деценија во редовите на Нагетс и не се согласува со одлуката што го заменија Мелоун, беше навикнат да игра за него, па ако не е задоволен од некои од следните потези – многу веројатно е дека самиот тој може да одлучи дека не вреди да му биде верен на тимот од Колорадо.
Затоа сè погласни се шпекулациите дека тој би можел да бара трејд и медиумите веќе го поврзуваат со Лос Анџелес Лејкерс каде што би можел да игра со својот пријател Лука Дончиќ. Оваа информација брзо се прошири на социјалните мрежи, особено затоа што обложувалниците наводно давале наголеми шанси за Лос Анџелес да биде неговата следна дестинација.
Денвер ќе одигра уште три натпревари до крајот на регуларниот дел од сезоната и ќе видиме дали директно ќе влезе во плејофот или ќе мора да игра во плејин, како и дали Нагетс потоа ќе одлучат што ќе прават со Дејвид Аделман, кој ја презеде функцијата привремен тренер откако Мелоун доби отказ.
Се претпоставува дека на лето ќе има голема реконструкција на тимот, но се уште не се знае дали Никола Јокиќ ќе биде дел од неа. Знаеме дека сакаше да ја заврши кариерата во Нагетс, но можеби ова ќе промени многу работи.
Инаку, Денвер во својот прв натпревар без Мелоун на клупата, славеше против Сакраменто на гости со 124:116, меч во кој Јокиќ повторно запиша трипл-дабл (20 поени, 12 скокови, 11 асистенции).