Откако се истакна како главен кандидат за МВП-титулата на почетокот од новата сезона, Никола Јокиќ стана предмет на внимание во НБА-лигата. Тој бележи импресивни бројки: 30,4 поени, 11,6 скока и 10 асистенции на натпревар, што го прави еден од најдоминантните играчи во лигата. Сепак, и покрај одличните индивидуални настапи, се соочува со недостиг на поддршка од соиграчите, што може да биде клучен фактор оваа сезона, кога е шампионската титула во прашање.
Неодамна се појавија шпекулации дека преголемата минутажа во одреден момент може да биде пречка за него. Неименуваниот директор на НБА-тимот изрази загриженост за времето што го поминува Јокиќ на теренот, посочувајќи дека тоа може негативно да се одрази на неговата игра во иднина.
- Единствениот начин да победат е Џамал Мареј да биде многу добар. Јокиќ е најдобриот играч на светот, но ќе го одведат в гроб ако продолжи да игра толку многу – се вели во изјавата на неименуваниот директор, која ја пренесоа голем број американски медиуми.
На почетокот од сезоната, Јокиќ има просек од 39,2 минути на натпревар, што го вбројува меѓу играчите со најголема минутажа во лигата. Овој параметар го рангира на третото место во лигата, зад Кевин Дурант и Тајрис Мекси. Ваквата голема минутажа може да има негативно влијание врз неговата способност да одржува константно ниво на игра и на енергија во текот на целата сезона.
Иако прикажа исклучителни индивидуални перформанси и заслужено се најде меѓу главните кандидати за МВП-титулата, недостигот на поддршка од соиграчите и преголемата минутажа претставуваат предизвици со кои ќе треба да се справи во текот на сезоната.