Поранешниот премиер Никола Груевски целосно ја избегна двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузниот „мерцедес“. На 4 октомври 2018 година, Груевски беше правосилно осуден, но поради истекот на шестгодишниот период застарување, на 4 октомври 2024 година, казната не може да биде извршена, објави Призма.
Според Кривичниот законик, застареноста на извршувањето на казната настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што е потребно за застарување на делото. Во случајот на Груевски, рокот за застареност изнесува три плус три години.
Иако додека беше во Македонија Груевски тврдеше дека е жртва на политички прогон, казната за набавката на луксузниот автомобил повеќе не е активна. Доколку тој утре се врати во земјата, нема да лежи затвор за овој случај.
Груевски останува со активни обвиненија во неколку други предмети, меѓу кои „Талир 1“, „Талир 2“ и „Титаник“.