Никој не знае зошто Ацо Мартиновиќ низ Цетиње си ги убивал роднините, пријателите, кумовите…

31

Првата локација на која почнало дивеењето на Мартиновиќ била кафеаната „Велеството“, близу спортскиот центар на влезот во Цетиње, каде што, според очевидци, тој пиел цел ден. Таму влегол во жестока расправија со гостите, по што, според црногорските медиуми, отишол дома, го зел пиштолот, се вратил назад и ги убил сопственикот на локалот и уште три лица. Потоа продолжил да убива на уште на четири локации. Министерот за внатрешни работи потврди дека, освен сопственикот на локалот, Вулетиќ, убиени се и неговите две малолетни деца. Тој, исто така, ја потврди информацијата дека Мартиновиќ ги одзел животите и на некои членови од сопственото семејство. Обвинителката Андријана Настиќ рече дека продолжуваат активностите на обвинителството и на полицијата за целосно расветлување на оваа трагедија и на околностите под кои се случила

 

Новата година во Црна Гора почна со тридневна жалост по 12-темина жртви на разбеснетиот Ацо Мартиновиќ, кој попладнето на 1 јануари дивееше со пиштол на пет локации во Цетиње, за на крајот да си пука во глава.

Освен 12-темина убиени, од кои седуммина се мажи, три жени, а две се деца, во масовното злосторство што траеше половина час, со тешки повреди се здобија уште четири лица, за чиј живот се борат лекарите во Клиничкиот центар во Подгорица.

Оваа информација доцна вечерта во средата ја потврди обвинителката Андријана Настиќ, која рече дека 45-годишниот убиец, Ацо Мартиновиќ, е 13. лице што починало.

– Како дежурен обвинител, бев известена дека било употребено огнено оружје во Цетиње и дека се убиени неколку лица. Имавме шест локации каде што ја водев истрагата – изјави Настиќ, пренесе ЕТВ.

Таа рече дека на сите пет локации имало жртви и додаде дека продолжуваат активностите на обвинителството и на полицијата за целосно расветлување на оваа трагедија и на околностите под кои се случила.

Настиќ информира дека биле убиени четири лица на првата локација, четири на втората, двете деца биле убиени на третата локација, а по едно лице е убиено на четвртата и на петтата локација. На шестата локација, убиецот, како што рече, си пукал во глава, во обид да се самоубие и на пат кон Клиничкиот центар, им подлегнал на повредите.

Според црногорската полиција, првата локација на која почнало дивеењето на Мартиновиќ била кафеаната „Велеството“, близу спортскиот центар на влезот во Цетиње, каде што, според очевидци, тој пиел цел ден. Таму влегол во жестока расправија со гостите, по што, според црногорските медиуми, отишол дома, го зел пиштолот, се вратил назад и ги убил сопственикот на локалот и уште три лица. Официјална информација за тоа што се случувало на другите четири локации нема, но, според медиумите, Мартиновиќ отишол во куќата на сопственикот на кафеаната, каде што ги убил неговите деца на возраст од 10 и 13 години и ја ранил неговата сопруга, а потоа продолжил со убивање на свои кумови, пријатели, како и на членови на сопственото семејство.

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Шарановиќ, на прес-конференција, потврди дека, освен сопственикот на локалот, Вулетиќ, убиени се и неговите две малолетни деца. Министерот, исто така, даде потврда за информацијата дека Мартиновиќ ги одзел животите и на некои членови од сопственото семејство.

Полицијата повеќе часови трагаше по Мартиновиќ, кој користел автомобил, за да го лоцира со термална камера во помошен објект до неговиот дом. Специјалните единици на полицијата го опколиле теренот и му упатиле предупредување да го остави оружјето и да се предаде. Кога видел дека веќе нема излез, Мартиновиќ истрчал до блискиот потпорен ѕид, каде што си пукал во главата, по што починал во возилото на итната помош.

Шарановиќ информира дека Мартиновиќ го поседувал оружјето нелегално, зашто го немало во официјалната евиденција. Во 2005 година бил осуден на условна казна за насилничко однесување. Во 2022 година бил извршен претрес кај него и биле пронајдени воздушна пушка, друго оружје и распрскувачки материи. За ова бил првостепено осуден на три месеци затвор, но немало конечна пресуда. Шарановиќ рече дека, по оваа акција, ќе предложи итни мерки за преиспитување на сите издадени дозволи за оружје, иако во овој случај оружјето било нелегално.

По страшната трагедија во Цетиње, музичките ѕвезди ги откажаа концертите што требаше да ги имаат деновиве во Црна Гора, а државата прогласи тридневна жалост.

За неполни две и пол години, ова е втор ваков инцидент во Црна Гора и во Цетиње, градот што има статус на престолнина на државата. Во август 2022 година, жител на Цетиње со пиштол сееше страв низ градот и уби 10 лица, меѓу кои и две деца, пред да биде застрелан и убиен од случаен минувач.

 

ИЗДВОЕНИ