Никој не сака војна меѓу Израел и Хезболах, но прашање на денови е кога таа ќе започне?

328
EPA-EFE/ATEF SAFADI

Откако Хезболах во саботата изврши напад во Маџдал Шамс, во кој беа убиени невини деца додека играа фудбал, целиот свет стравува дека конфликтот со Израел може да ескалира.

Уште во мај, Амос Хохштајн, претставник на американскиот претседател Џо Бајден за „одржување на тензиите“ меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах, на вебинар рече дека се плаши од такво сценарио.

„Она што ме загрижува секој ден е дека една погрешна проценка или инцидент… ако нешто удри во автобус полн со деца, или погоди некоја друга цивилна цел… може да го принуди политичкиот систем во која било земја да возврати на начин што нè влече во војна. Иако двете страни веројатно разбираат дека поцелосна или подлабока војна не е во интерес на ниту една страна“, рече Хохштајн.

„Автобусот“ на Хохштајн се случи во саботата вечерта, кога проектил погодил фудбалско игралиште каде имало деца. Ракетата, за која Израел вели дека била лансирана од Хезболах од Шеба во јужен Либан, погодила фудбалско игралиште, при што загинале 12 деца на возраст меѓу 10 и 16 години. Тие настрадале додека тренирале.

Хезболах ја отфрли одговорноста за нападот, но светот сега стравува дека кошмарот на Хохштајн ќе се оствари и конфликтот меѓу двете страни ќе ескалира.

Ако му се верува на израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, сигурно дека ќе ескалира.

„Се приближуваме до моментот на сеопфатна војна против Хезболах. Реакцијата на овој настан ќе биде во согласност со тоа“, рече тој во интервју за израелската телевизија во саботата навечер.

Се чини дека САД донекаде ја благословија одмаздничката акција, пишува CNN.

„Го поддржуваме правото на Израел да ги брани своите граѓани од терористички напади“, рече државниот секретар Ентони Блинкен, пред да додаде дека САД не сакаат „да видат ескалација на конфликтот“.

Одговорот досега е релативно благ, а се стравува дека ќе има нови напади.

„Доста ни е од возвишена реторика и шупливи зборови проследени со слаба акција. Единствениот начин да се запре сето ова, да ги одвратиме нашите непријатели, е да возвратиме и да удриме на нив. Нема друг начин“, поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет, за Си-Ен-Ен.

Се чини дека никој не ја сака оваа војна. Но, како што предупреди Хохштајн во истиот вебинар: „Војните историски започнаа низ светот дури и кога лидерите не го сакаа тоа, бидејќи немаа избор“.