Рубенс Баричело, поранешниот тимски колега на Михаел Шумахер, се потсети на нивните заеднички денови поминати во Ферари и зборуваше за темната страна на нивната соработка.
Баричело го возеше црвениот болид на Ферари од 2000 до 2005 година и помогна тимот да освои пет последователни шампионски титули кај конструкторите.
Иако признава дека Германецот бил подобар возач, Бразилецот се сомнева во вистинската разлика меѓу нив, особено поради внатрешните ограничувања што му биле наметнати.
- Погледнете ја Големата награда на Австралија во 2000 година, мојата прва трка за Ферари. Бев втор, но го стигнував Михаел, изјави Баричело.
Според него, ова било почеток на неговото соочување со фактот дека нема да има целосно еднаков третман во тимот, покрај големиот Шумахер.
- Шумахер беше подобар од мене, тоа е сигурно. Но, колку точно? Можеби 51-49% или 70-30%? Не знам. Никогаш нема да дознаеме бидејќи немав целосна слобода да покажам колку можам. На крајот, го прифатив тоа, но отсекогаш се прашував колку навистина би можел да бидам близу до Михаел под еднакви услови, додаде Бразилецот.