Истрагата за сообраќајната несреќа, во која загина младата Фросина Кулакова, е во завршна фаза, велат за весникот ВЕЧЕР од Јавното обвинителство и наскоро треба да се донесе одлука за кои кривични дела ќе се гони возачот Васил Јованов. Јавното обвинителство неодамна најави дека Јованов ќе одговара за сторување на сообраќајка со умисла, бидејќи бил свесен за последиците од возењето со над 130 км/час, го поминал семафорот на црвено и без возачка дозвола. Властите најавија дека ќе се заоструваат казните во сообраќајот, а контролата дополнително ќе се зајакне преку камерите од „Безбеден град“.
Сепак, сообраќајните несреќи кои се причинети од малолетници и млади, не запираат. Вчеравечер, на улицата под скопското Кале, 17-годишни момчиња излетале од патот со автомобил „шевролет спарк“. Со повреди четворицата малолетници биле однесени во Градската болница на лекување.
Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи поттикнати од последната сообраќајка со смрт на младата Фросина, кои споделуваат искуства од несовесното возење на младите. Така скопјанка раскажува дека кај семафорите во скопската населба Влае чекајќи на црвено, одзади ја „прошишале“ неколкумина млади во бело БМВ, поминувајќи на црвено со голема брзина.
Несовесноста на учесниците во сообраќајот ја потврдуваат и секојдневните засилени полициски контроли на полицијата. Во понеделникот, само во еден ден, сообраќајците издале 773 казни, а најголем дел од нив токму за брзо возење.
-Во рамки на контролите, согласно статистичките трендови, најголем дел од прекршоците се однесуваат за возење со брзина поголема од дозволената вкупно 175 казни, како и непрописното паркирање се издале 252 казни. Додека. пак, веднаш зад нив следат прекршоците за возење без возачка дозвола 73, потоа некористење на сигурносен појас 48, како и 34 прекршоци за користење на мобилен телефон при возење, стои во информацијата на МВР.
Во просек дневно, по пет до шест од возачите управуваат со автомобилот под дејство на алкохол и поминуваат на црвено и возат во спротивен правец. На еднонасочната улица зад трговскиот центар „Скопјанка“, постојано се вози двонасочно алармираат жителите откако дете било удрено од мотор и завршило со повреди во болница. На улицата, бараат да има и соодветен пешачки премин.
„На улицата зад ТЦ „Скопјанка“, која е еднонасочна, но се вози двонасочно на делот од скаличките до паркингот да се обележи пешачки премин и некој знак за пешаци. Секојдневно од тука поминуваат ученици од ОУ „Браќа Миладиновци“ и е опасно за нив. Денес беше удрено дете од мотор, а и претходно имало слични инциденти за среќа без последици како денес“, се вели во апелот на жител кој живее овде. (П.А.)