Климатските промени се високо на агендата на шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која ќе ја предвои македонската делегација што ќе учествува 29. конференција на страните на Обединетите нации за климатски промени – зголемување на амбициите и овозможување акција КОП29, која ќе се одржи во Баку, Азербејџан, од 11 до 22 ноември.

На настанот организиран во Скопје, од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Сиљановска- Давкова потсети дека уделот на Македонија кон емисијата на стакленички гасови, а со тоа и кон глобалното затоплување, е занемарливо мал. Но, на национално и локално ниво, овој удел претставува сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик.

– Според УНИЦЕФ, секој деветти смртен случај кај новороденчињата во земјава е поврзан со загадениот воздух. Институтот за јавно здравје проценува дека секоја година во земјава, од загаден воздух умираат околу 4.000 луѓе. Затоа една од главните причини за иселувањето на луѓето не е висината на платата туку квалитетот на животот и особено квалитетот на животната средина. Иселувањето на младото и работоспособно население води кон економска стагнација – нагласи таа.

Освен здравствен и економски ризик, емисиите на стакленички гасови се и безбедносен ризик. За Сиљановска-Давкова, тие забрзано водат до климатски промени со потенцијално катастрофални последици.

– Сè почестите екстремни временски појави, како што се топлотните бранови, сушите, невремињата и поплавите, вклучително и во нашиот регион, се само навестување за тоа каква иднина ги очекува следните генерации. Доколку се остварат негативните климатски сценарија, прашање е дали воопшто ќе можеме да зборуваме за одржливост или, пак, ќе треба да почнеме да размислуваме за преживување, односно способност за живеење. За да се справиме со овој троен ризик, ние мора да го издигнеме прашањето на највисоко ниво. Уште како пратеничка во Собранието, се залагав за воведување на таканареченото зелено столче, односно гарантирано место за невладиниот сектор да учествува во расправите за законските решенија поврзани со животната средина и со климатските промени. Неодамна, во Советот за безбедност именував и експерт од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Владо Спиридонов. Како држава, ние мора да обрнеме многу повеќе внимание на адаптацијата кон климатските промени и намалувањето на ризиците од катастрофи – истакна Сиљановска-Давкова.

Таа потсети дека од еколошки и климатски аспект, вкупната штета што му се нанесува на светот преку експлоатацијата и загадувањето е еднаква на разурнувањата што би ги оставила една светска војна.

– Нашите сегашни мирновременски економски односи, за жал, произведуваат исти резултати како и глобалните конфликти. Нам ни треба општествен договор со природата, односно природен договор, со кој природата ќе ја третираме како партнер, а не како противник – рече Сиљановска-Давкова.

На настанот присуствуваа и министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска, која говореше за транзицијата на нискојаглеродниот отпечаток, која е започната кај нас и која до 2030 година ќе нè чини 3 милијарди евра.

– Се очекува најголем дел од овие средства да дојдат преку инвестициите на приватниот сектор во обновливите извори на енергија. Но, останува на државата да изгради базни капацитети, кои ќе овозможат напуштање на јагленот како гориво и изградба на потребната енергетска инфраструктура. Препознавајќи ги овие потреби, ја воспоставивме Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција – рече министерката Божиновска.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, ги претстави досегашните постигнувања во делот на стратешката и законодавната рамка во областа клима, предложени од Министерството за животна средина и просторно планирање и усвоени од Владата: 4 национални комуникации, 3 двогодишни извештаи за климатските промени, 2 национални придонеса кон Договорот од Париз, како и Долгорочна стратегија и Акциски план за климатска акција и Интегриран план за енергија и клима.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на обединетите нации, Армен Григорјан, рече дека УНДП и во наредниот период ќе продолжи со силната поддршка на климатската акција во државата.

– Климатските промени не се предизвик со кој државите може да се соочат самостојно. Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Како и во минатите 20 години, Програмата за развој на Обединетите нации ќе продолжи со силната поддршка на државата преку повеќе проекти како за намалување на емисиите на стакленички гасови, адаптација кон климатските промени и зголемување на отпорноста, со што ќе се засили климатската агенда во државата – изјави Григорјан.

СМО: Нивото на емисии на штетни гасови достигна нов рекорд

Во 2023 година, нивото на емисии на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина достигна нов рекорд, поради што температурите на нашата планета ќе растат уште многу години, се вели во најновиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО).

Во 2023 година, нивото на емисии на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина достигна нов рекорд, поради што температурите на нашата планета ќе растат уште многу години, се вели во најновиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО).

Јаглерод диоксидот (ЦО2) се акумулира во атмосферата побрзо отколку во кое било време од човековото постоење и се зголемил за повеќе од 10 проценти за само две децении, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на СМО.

Како што е наведено, за ова придонеле емисиите на ЦО2 предизвикани од големите шумски пожари, како и можното намалување на јаглеродот апсорбиран од шумите, во комбинација со високите нивоа на емисии на ЦО2 од фосилните горива.

(С.Бл.)