Потрагата по 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино, кој исчезна на 30 јануари во Кавадарци влегува во осмиот ден. Досега е пронајден само неговиот мобилен телефон покрај реката Луда Мара.
Во потрагата се вклучени службени лица, нуркачи, кучиња трагачи, доброволци, дронови, а беше ангажиран и хеликоптер.
Во моментот на исчезнување, Тодоров бил облечен во работничко одело, бело палто и црн елек. Тој е спортски граден, висок околу 185 сантиметри, со кратка коса.
Полицијата апелира до сите граѓани, доколку имаат какви било информации за неговото исчезнување, веднаш да ги известат надлежните органи.