Недостигот на основно познавање за однесување при пожар е една од клучните причини за трагичните последици, смета претседателот на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, Златко Илијев, конкретно посочувајќи на пожарот во кабарето во Кочани, во кој животите ги загубија 59 лица, а околу двесте се повредени.

– Противпожарниот апарат што се гледа на една од снимките со кој се гасне почетниот пожар е несоодветен, наменет е за гаснење оган кај електричните уреди под напон, а не од таков вид каков што беше во „Пулс“. Ако бил со прав, во најмала рака, тој апарат ќе го забавел ширењето на пожарот и ќе дал многу повеќе време за евакуација на младите. Од друга страна, присутните во дискотеката во првиот момент не ја сфатиле сериозно опасноста и наместо да се упатат кон излезот, тие снимале со мобилните телефони. Заедничко за двата момента се незнаењето и недоволната едукација, нешто што треба да се сфати многу сериозно во иднина и да се работи на тоа, секој од нас да има елементарно познавање за противпожарната заштита – нашиша Илијев на социјалните мрежи.

Меѓу повредените има и пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Кочани, кои учествувале во гаснењето на пожарот и во спасувањето на младите лица. Илијев посочува дека тројца пожарникари се здобиле со изгореници и со проблеми со дишните патишта, при што двајца се со полесни повреди, а поради вдишување отровен чад и телесни повреди, командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, завршил на Клиниката за токсикологија во Скопје. Според последните информации, тој закрепнува и се чувствува добро, па се очекува идната недела да биде пуштен на домашно лекување.

Илијев со жалење констатира дека и пожарникарите се соочиле со загинати или со повредени блиски во семејствата, а тажен е примерот на брачниот пар Антови, кој е дел од Доброволното противпожарно друштво од Кочани и кој ја загуби единствената ќерка во пожарот.

ИЗДВОЕНИ