Општина Маврово и Ростуше не може да пристапи кон изработка на нови урбанистички планови сѐ додека не се донесе Закон за репрогласување на Националниот парк „Маврово“ и не се усвојат зоните на заштита.
Состојбите на немање на урбанистички планови и неможноста да се издаваат решенија за градење придонеле на територијата на општината да се изградат голем број на бесправно изградени објекти. Ова е нотирано во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за општина Маврово и Рустуше и се однесува за 2023 година.
– Поради губење на базата на податоци за данокот на имот со бришење на целиот компјутерски систем за евиденција, во периодот од 2013 до 2018 година, општината не издавала решенија за данок на имот, а од 2018 година, пристапено е кон поединечно внесување на решенија и со прибирање на податоци за обврзниците при промет на недвижноста, наследство и подарок. Бројот на обврзници и на издадени решенија е зголемен од 2.278 во 2019 година до 3.176 во 2023 година. Поради некомплетната база на податоци и не издадените решенија за данок на имот на сите обврзници, не е испочитувана законската обврска за водење регистар на недвижен имот кој подлежи на оданочување – се наведува во извештајот.
Заклучно со 31.12.2023 година, општината побарува 11.485.000 денари, од кои 77 проценти по основ на данок на имот, а 23 проценти по основ на комунални такси за фирма, односно назив на деловна просторија, за кои не се преземени мерки и активности за нивна наплата.
ДЗР констатирал дека за реализација на програмските активности за 2023 година на ЈПКД „Маврово“ општината нема издвоено буџетски средства, ниту е склучен договор за уредување на меѓусебните права и обврски.
– И покрај тоа што постапката за ре-валоризација на Националниот парк Маврово е започната во 2012 година, до денот на ревизијата истата не е завршена, односно не се утврдени зоните на заштита, а со Одлука на Уставниот суд укинати се Урбанистичкиот план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 и Урбанистичката документација за населено место Леуново – Општина Маврови Анови – се забелешките посочени во извештајот.
Државните ревизори наведуваат и дека поради суспендираните урбанистички планови, општината не е во можност да издава дозволи за градење и да наплатува надоместок за уредување на градежно земјиште, а согласно препораките на Постојниот комитет на Секретаријатот на Бернската Конвенција престанува да постапува по барањата за легализација на бесправно изградените објекти се до завршување на постапката за репрогласување на Национален парк „Маврово“.