Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се сретна со Алфред Камер, директор на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, на маргините од конференцијата на високо ниво „Справување со геоекономската фрагментација“, во организација на Холандската централна банка.

– Независноста на централната банка е јавно добро што мора да се зачува. Централните банки може успешно да ги исполнат своите цели само ако се независни, вклучително и преку одржување силна финансиска самостојност заради ефективно спроведување на политиките. Народната банка на Северна Македонија успешно се справи со големиот број неодамнешни предизвици благодарение на своите независност и кредибилитет, кои мора да се зачуваат – изјави Алфред Камер, директор на ММФ за Европа.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност до директорот Камер за техничката помош од ММФ, како и за препораките за начинот на изменување на Законот за Народната банка и за усогласување со најдобрите меѓународни практики за заштита на независноста на централната банка.

– Независната монетарна политика е предуслов за одржување на стабилноста на цените и на девизниот курс, особено во време на предизвици, кога во глобалното опкружување и понатаму владеат висока неизвесност и геополитички ризици – рече Ангеловска-Бежоска.

На конференцијата на високо ниво, гувернерите и замениците на гувернерите од земјите што се дел од холандската конституенца на ММФ, заедно со претставниците на високо ниво на ММФ, разговараа за геополитичките ризици и за влијанијата врз економиите, како и за краткорочните и за долгорочните решенија на политиките за ублажување на можните негативни ефекти. На конференцијата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.

ИЗДВОЕНИ