Покривот на ноќниот клуб во главниот град на Доминиканската Република, Санто Доминго, се урна во раните утрински часови во вторникот за време на концерт на кој присуствувале политичари, спортисти и многу други. Според властите, најмалку 98 луѓе загинале, а 160 се повредени.
Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините на клубот Џет Сет за преживеани, изјави Хуан Мануел Мендез, директор на Центарот за вонредни ситуации.
„Продолжуваме да отстрануваме урнатини и да бараме луѓе“, рече Мендез во вторникот вечерта. „Нема да застанеме додека не ги пронајдеме сите“.
Речиси 12 часа откако покривот се урна врз посетителите, спасувачите сè уште ги извлекуваа преживеаните од под урнатините, смирувајќи ја толпата за да можат да слушнат слаби извици за помош. Пожарникарите отстранија парчиња бетон, користејќи дрвени греди како лост за подигнување на потешкиот материјал, додека звукот на дупчалките што го пробиваа бетонот одекнуваше низ воздухот.
Мендез рече дека спасувачите имаат приоритет на три клучни точки во клубот: „Сè уште слушаме некои звуци“.
Меѓу загинатите е Нелси Круз, гувернер на северозападната провинција Монтекристи и сестра на седумкратниот ол-стар MLB Нелсон Круз. Таа, наводно, му се јавила на претседателот Луис Абинадер во 00:49 часот, велејќи дека е заробена и дека покривот се урнал. Првата дама, Ракел Абраје, рече дека Круз подоцна починала во болница. „Ова е навистина преголема трагедија“, рече таа низ солзи.
Професионалната бејзбол лига на Доминиканската Република објави дека меѓу загинатите е и поранешниот играч на MLB, Октавио Дотел (51). Спасувачите претходно го извлекле од урнатините и го пренеле во болница. Почина и доминиканскиот безбол играч Тони Енрике Бланко Кабрера, потврди портпаролот на лигата Сатоски Тереро.
Насобраните во вторникот доцна навечер, сè уште во потрага по своите најблиски, пееја химни пред клубот. Меѓу повредените е и конгресменот Бреј Варгас, пренесува АП.
Семејството на пејачот на меренге музика Руби Перез, кој настапувал во моментот на колапсот, првично тврдеше дека тој бил спасен, но Мендез подоцна ја демантираше таа информација. Спасувачите се уште трагаат по него.