Најмалку 59 загинати и стотици повредени во текот на концертот на групата ДНК во Кочани, на кој присуствувале околу 500 лица. Меѓу загинатите има и малолетници. Трагедијата се случи изутрината околу 2:40 часот, кога, според првичните информации, била активирана пиротехника на подиумот, од чии искри се запалила звучната изолација на таванот, по што брзо се проширил. Очевидец, кој живее во соседство на дискотеката, изјави за весникот ВЕЧЕР дека во 2:30-2:40 часот утрината слушнал силен тресок, по што истрчал да помогне. Кочани вчера беше обвиено во тага. Речиси да нема семејство што нема близок меѓу настраданите. Наместо вообичаениот поздрав, со солзи во очите изразуваа сочувство едни на други. Раскажуваа за семејните трагедии. „Внука ми имаше закажано свадба, но не ја дочека. Синот на мојот кумашин се подготвуваше за матурска, на моите први комшии двете деца им отидоа…“, беа само дел од нив. Други, пак, што дознаа во текот на денот дека се хоспитализирани нивните, се молеа за лесно заздравување. Тага и непребол и пред кочанската болница. Ужалени, но и револтирани од системот, кој дозволил да се случи трагедијата, се и граѓаните од цела Македонија
Пандорче АНТЕСКА
Фото: Петр Стојановски
„Кога те нема, а знаеш дека другите се тука, во моите очи дел од тебе нема…“ биле последните стихови испеани од фронтменот на популарната аренби група ДНК, на сцената во кочанската дискотека „Пулс“, по што од искрите од прскалките користени за сценски ефекти на перформансот се запалил покривот на објектот. На видеата направени од посетителите што ја преживееја трагедијата, се гледа првичната реакција: пејачот на микрофон ја повикува младата публика да излезе надвор, па да се вратат да продолжат со концертот. На споделените видеа потоа се забележува како лице, рачно со ПП-апарат, почнува да го гасне пожарот што молскавично се шири на покривната конструкција на дискотеката, но публиката, во која има и малолетници, стои и не бега, најверојатно во очекување дека ќе биде изгаснат пламенот со противпожарниот апарат. Но, она што следувало подоцна било траoрно. Пред три часот во неделата изутрина, пожарот молскавично почнал да се шири од покривот кон внатрешниот дел од објектот, кој наликува на хангар. Горела звучната изолација, а се слушале и пукотници од пиротехниката, која била практика во дискотеката, која работела единствено во текот на викендите. Во моментот на огнената стихија, во дискотеката се наоѓале околу 500 посетители. Повеќе од 59 изгореа или се задушија во пожарот, а над 155 се повредени. Некои од децата, кои претежно биле на возраст од 14 до 25 години, успеале да се спасат излегувајќи низ единствената врата. Некои биле изнесувани од граѓаните во близина на дискотеката, кои дошле да спасуваат, а внатре се случувал вистински пекол, паѓале огнени топки од плафонот врз децата. Од паниката, настанало стампедо, па децата се туркале меѓу себе да спасат жива глава низ тесната врата.
– Сè се случуваше многу брзо. Во паника, почнаа да бегаат сите и јас паднав. Почнаа да газат по мене, излегувајќи низ вратата. Од прегазувањето, ми потече лицето, но ја барам сестра ми, не знам во која болница е однесена – раскажува млада девојка, која вчера беше една од многуте што ги бараа своите најблиски по болниците во државата, во исчекување на списокот, дали се меѓу оној со починати или со повредени.
Екипата на весникот ВЕЧЕР пристигна на местото на трагедијата само неколку часа по трагедијата. Сликата што ја затековме тешко се опишува. Пожарот го гаснеа десетина противпожарни возила, а комбињата на Брзата помош, со вклучени сирени, одекнуваа и ја правеа атмосферата во малиот град уште поморничава.
Родителите и пријателите чекаа барем некаква информација, пренесуваа дека полицијата го обезбедила објектот со ленти и ги дистанцирала во 4:30 часот. Еден родител беше неутешлив, во големата несреќа го загуби својот 21-годишен син. Офкаше и лелекаше, фрлајќи клетви врз оние што го дозволиле ова.
– Томче имаше 21 година, само што требаше да живее. Началници на полицијата се корумпирани, само за пусти пари. Дискотеката е на еден големец. Ќе зборувам бидејќи мене веќе не ми треба живот – почна силно да офка Драги Стојанов, родител на загинато момче од Кочани.
Друг родител, пак, со измешани чувства, не ја пуштил својата ќерка на концертот, иако инсистирала, не ѝ дал пари. Дошол да помогне во извлекувањето и разнесувањето на повредените. На улицата кај дискотеката можеа да се забележат траги од крв, расфрлани маички, мобилен телефон, женски чанти, ранци. Во паниката што настанала бегајќи од пожарот, младите фрлале сè од себе.
На помош први дошле жителите што живеат во близина на дискотеката налик на хангар, која се наоѓа во тесно улично грло, каде што куќите се густо збиени. Околу 2:30 минути слушнале силен тресок, а веднаш потоа и пискотници од дискотеката и повици за помош. Очевидци велат дека во обид да се спасат, бидејќи помошната врата зад сцената била блокирана и не се отворала, ги кршеле стаклата за да ги извлечат децата од објектот веќе зафатен со пожар. Неофицијално, во тоалетите од дискотеката биле пронајдени дваестина мртви тела.
Дискотеката работела само во текот на викендите бидејќи тогаш се враќале младите од универзитетските градови, а доаѓале и од другите најблиски градови.
Кочани се вбројува меѓу градовите каде што младите масовно се иселуваат во потрага за подобар живот, во некоја од економски посилните земји. Денеска градот остана во тишина, која одвреме-навреме ја кршеа лелеците и пискотниците на најблиските, дел од нив чекајќи пред кочанската болница, а дел пред лентата на која пишуваше „Стоп, полиција“.