Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, на средбата со македонскиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски истакнал дека ставот на Бугарија за европската интеграција на РСМ е јасен и конзистентен од 2022 година и чека целосно спроведување.
Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е можно да се постигне членство во ЕУ. Тоа бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските, му посочил бугарскиот шеф на дипломатијата Георг Георгиев на македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски на средбата во Минхен.
Бугарскиот прв дипломат на средбата истакнал дека ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен, односно дека европскиот компромис од 2022 година вклучува низа мерки кои чекаат на целосно спроведување, а тоа е единствениот пат кон прогрес.
„Вклучувањето на Бугарите, рамноправно со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чија реализација ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство. Георгиев беше категоричен дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ“, соопшти бугарското МНР.
Ова е прва средба на високи претставници на двете земји по изборот на новата политичка Влада во Софија која се случува на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Муцунски го отворил и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и ја нагласил потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права.