Невладините организации и здруженија повторно ќе излезат на протест в сабота на 28 декември 2024 година, доколку до 25 декември не добијат одговор на нивните барања за спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето.

Тие, барањата за спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето ги доставија до Владата, Министерството за животна средина, Собранието и до Град Скопје на 16 декември 2024 година. Иако, веќе помина една недела откако мерките се доставени и две недели од последниот протест кој беше организиран на 10 декември 2024 година, досега одговор на барањата има само од Министерството за транспорт и врски.

Невладините организации и здруженија побараа од надлежните институции, Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.

Од итните мерки бараат: Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот утврден според член 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h).

Потоа, бараат да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и со стандард под „ЕУРО 5“ во земјава, додека увозот на нови возила да биде со минимален стандард „ЕУРО 6“. Притоа, одлуката да стапи на сила од 1.1.2025 година, како и да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа. Воедно, бараат и итно усвојување на Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Биди зелен“.

Од среднорочни мерки тие бараат: поставување на густа локална мрежа од мерни станици, со по една станица на максимум 1.500 м², со приоритет на индустриските капацитети и погони со А и Б -интегрирани дозволи, изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија слична на онаа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки или ленти со повисока минимална ширина од 2,5 метри (наместо стандардните 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, како и улици со споделен простор, каде што приоритет има велосипедскиот сообраќај.

Исто така, бараат веднаш да се премине кон фотоволтаични системи за генерирање на електрична енергија, субвенции за фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства, субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување, како и систем за самоизнајмување велосипеди. Бараат и високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај.

– Овие барања се истите барања за кои граѓаните, заедно со независните и зелените организации во Скопје и низ Македонија, протестираат уште од 2015 година, само што се надополнети со нови мерки. Но, додека ние ги дополнуваме мерките, институциите игнорираат да ги разгледаат, да ги усвојат и да почнат да ги применуваат, а токсичниот воздух ни ги крати животите – потенцираат од „Зелен хуман град“.

Тие очекуваме апсолутно секој граѓанин од Скопје, и секој кој може од останатите градови, да се приклучи на протестот за чист воздух. -Да ја испратиме 2024 година со чиста совест дека сме направиле сè што можеме за нашето здравје и здравјето на идните генерации. Две опции, едноставен избор: повиканите институции да одговорат и да преземат итна и одлучна акција, или ние ќе излеземе на улиците и ќе го зголемиме притисокот на 28 декември – децидни се од „Зелен хуман град“.

Оттаму информираат дека секоја година во Македонија се бележат приближно 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2,5, кои се меѓу најштетните за здравјето. А, тоа изнесува 17,7 % од вкупната смртност во државата. Воедно, еден од девет смртни случаи кај децата до една година е поврзан со загаденоста.

(А.П.)