Во организација на Зелен хуман град, а со поддршка од повеќе невладини организации и здруженија, на 10 декември ќе се одржи протестен марш за чист воздух.
Маршот ќе започне во 16:00 часот, пред Министерството за животна средина и просторно планирање, а потоа, преку Собранието, ќе заврши пред Владата на Република Македонија.
Од Зелен хуман град велат дека во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM 2,5, кои се меѓу најштетните за здравјето.
– Тоа изнесува 17,7 % од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар здравствени проблеми како што се белодробните заболувања, срцевите удари и ракот на белите дробови. Особено загрижувачки е податокот дека еден од девет смртни случаи кај децата до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух – наведуваат од Зелен хуман град.
Тие бараат надлежните институции, Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот. Од итните мерки, тие ги наведуваат: Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурните инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето; јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, кој ќе овозможи транспарентност; следење на напредокот и спречување на работата на субјекти што не ја имаат дозволата согласно со Законот за инспекциски надзор. Потоа, забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според чл. 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно за ограничувањето во населените места 50 км/ч), да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под еуро 5 стандардот во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален еуро 6 стандард. Притоа, одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година. Во регионов, вакви услови имаат воведно Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Исто така, да се изработи план за режим на сообраќај што ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку трае тоа подолго од 24 часа.
– Спроведувањето треба да подразбира координација помеѓу општините (Град Скопје, Битола, Тетово и други) и МВР. Планот задолжително треба да вклучува намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемено загадување – велат од Зелен хуман град.
Меѓу итните мерки е и да се усвои правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура, изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Биди зелен“, кој ќе овозможи создавање безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила.
Од среднорочните мерки, пак, бараат да се постави густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1.500 квадратни метри, со приоритет на обиколување на индустриските капацитети и погони (А и Б интегрирани дозволи).
– Со оваа мрежа, ќе се обезбедат индикативни податоци, врз основа на кои инспекциските служби на Градот Скопје ќе може да иницираат надзор заедно со Државниот инспекторат за животна средина или самостојно – нагласуваат од Зелен хуман град.
Воедно, бараат и изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија како кај онаа од автомобилската мрежа: примарна веломрежа со патеки/ленти со поголема минимална ширина (2,5 метри наместо 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, улици со споделен простор, a со приоритет на велосипедскиот сообраќај итн., јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи, субвенции за фотоволтаични системи за индивидуалните домаќинства – велат од Зелен хуман град.
Субвенционирањето за фотоволтаични системи и за индивидуалните домаќинства е клучен механизам со кој ќе се спречи енергетската сиромаштија, сметаат оттаму.
– Дел од скопјани што набавија инвертери со субвенциите, не беа во можност да ги користат поради енергетската криза, додавајќи дека за да се надмине овој проблем, тие паралелно работат на мерки на централно ниво, како што се зголемување на прагот на дозволената инсталирана моќност (моментално се дозволени само 6 KW за домаќинствата што сакаат да враќаат назад во мрежата) и демонополизација на ресурсот. Исто така, од среднорочните мерки, бараат субвенции за енергетски ефикасни фасади на објектите за индивидуално домување, систем за самоизнајмување велосипеди – велат од Зелен хуман град и бараат високоразвиен јавен превоз, издвоен од другиот сообраќај.
Од Зелен хуман град ги повикуваат граѓаните да дојдат и да застанат рамо до рамо за чист воздух.
– Скопје мора да диши. Македонија мора да диши. Загадувањето во Скопје и во другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт и колку побрзо се почне со спроведувањето мерки, кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот, толку побрзо ќе се реши овој долгогодишен проблем – сметаат од Зелен хуман град.
Акција за урбано зазеленување на Скопје
Во рамките на тековните напори за борба против загадувањето на воздухот и за подобрување на урбаните зелени површини, оваа недела, на Град Скопје му се испорачуваат 956 дрвја од 16 различни видови, преку проектот „ЕУ за чист воздух“, финансиран од Европската Унија. Оваа иницијатива, која ја спроведува УНОПС, претставува значаен чекор кон создавање поздраво опкружување и зајакнување на отпорноста на градот на климатските предизвици.
Дрвјата се внимателно избрани поради нивната адаптибилност на локалната средина и способноста за подобрување на квалитетот на воздухот преку филтрирање на загадувачите и намалување на ЦО₂ и ќе бидат насадени во новиот парк во Карпош, од страна на ЈП „Паркови и зеленило“, во текот на оваа седмица. Оваа иницијатива за садење ги поддржува општите цели на Градот за намалување на загадувањето на воздухот, за ублажување на ефектите од урбаните топлотни острови, за подобрување на микроклимата, за намалување на бучавата, за регулирање на хидролошките циклуси и за обезбедување поголем пристап до зелени површини за жителите.
Акцијата за садење дрвја е во согласност и ги надополнува другите мерки во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“. Проектот, финансиран со 10 милиони евра од Европската Унија, е насочен кон практични мерки за намалување на загадувањето и за унапредување на јавното здравје. Покрај садењето дрвја, проектот вклучува и унапредување на станиците за мониторинг на квалитетот на воздухот, модернизација на системите за греење во јавните објекти и промоција на одржлива урбана мобилност.
(А.П.)