Познатата швајцарска биатлонка, Имоген Симондс, падна на допинг тест направен на 8 декември пред Светското првенство кое се одржа во Нов Зеланд.
Тестот бил позитивен, а таа истакнува дека ништо не земала и дека останала запрепастена што паднала на тестот бидејќи во телото и бил пронајден метаболит лигандрол.
Швајцарката на своите следбеници на Инстаграм испрати порака во која објави дека нема поим каква е супстанцијата која ја има во своето тело, но и дека количината е еднаква на прстофат сол, што немало да и даде никаква предност во перформансите.
Таа во изјава откри дека нејзиниот партнер користел лигандрол за да си го подобри физичкиот изглед во периодот во кој супстанцијата влегувала во нејзиното тело, бидејќи имале интимни односи ден пред тестот, како и на денот кога бил направен тестот.
-На 8 декември 2024 година, по случаен избор бев тестирана за допинг вон конкуренција пред Светското првенство Ајромен 70.3 во Таупо, Нов Зеланд. Бев шокирана и уништена кога дознав дека тестот се покажа позитивен на метаболитот лигандрол во количини на пикограми. Немав поим што е оваа супстанца или како можела да влезе во моето тело.
Откако ја добив веста, веднаш ангажирав искусни правни советници. Преку истражување и анализа, беше откриено дека, без мое знаење, мојот долгогодишен партнер конзумирал лигандрол за да го подобри својот физички изглед во периодот кога се правеше тестот.
По инструкции на мојот правен тим, јас и мојот партнер веднаш направивме анализа на примерок од коса, што потврди дека никогаш намерно не сум земала лигандрол (примерокот од косата ми беше негативен), додека мојот партнер беше позитивен во периодот додека ја земаше супстанцијата.
Како резултат на тоа, земајќи го предвид тајмингот на настаните – конкретно, фактот што имав негативен допинг тест шест дена пред и 22 дена по овој тест, и дека со мојот партнер имавме интимни односи на денот на тестот и денот пред него – мојот правен тим и јас заклучивме дека супстанцијата влегла во моето тело преку пренос на телесни течности за време на тој однос.
Го ангажиравме еден од најдобрите светски експерти за да ја докажеме мојата невиност и нашите докази ќе ги презентираме на Ајромен и ИТА во согласност со нивните процедури и рокови.
Редовно се тестирам со години и во конкуренција и вон натпреварувачки, а сите тестови досега ми беа негативни, поради што оваа ситуација за мене е вистински кошмар и нешто што никогаш не можев да замислам дека ќе ми се случи. Многу сериозно ги сфаќам обврските во врска со анти-допинг правилата и навистина верувам во чист спорт, па затоа ми е многу тешко моето име да се поврзува со забранета супстанција.
Иако не сум првиот спортист на кој ми се случи ова, веројатно нема да бидам и последниот, па се надевам дека мојата приказна може да помогне да се подигне свеста за оваа форма на контаминација и да ги спречи другите да минат низ истата темнина низ која поминувам сега.
Ве молам да ми дозволите мене и на оние околу мене простор додека минувам низ правниот процес за докажување на мојата невиност, во што сум сосема сигурна, изјави швајцарската биатлонка.