Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед јавно изјави дека е разочаран од однесувањето на дефанзивецот на Арсенал, Габриел кој го исмејуваше Ерлинг Халанд за време на прославата на натпреварот против Манчестер Сити.
Гери Невил не можеше да го сокрие своето незадоволство откако го виде Бразилецот како му се смее во лице на напаѓачот на Манчестер Сити, за време на победата на „топџиите“ од 5:1.
Откако Мартин Одегард постигна гол за 1:0 во втората минута, Габриел реши да ужива во моментот и направи провокативен гест кон Халанд.
Иако навивачите на Арсенал го „прославија“ моментот на социјалните мрежи, Гери Невил не можеше да го преболи она што го чувствуваше како „непочитување“ кон норвешкиот напаѓач.
Во својот подкаст, Невил рече: „Не ми се допаѓа. Мислам дека е малку непочитување. Знам дека Халанд беше „негативецот“ денес, но нешто во врска со тоа не ми се допадна. Направив многу нешта во мојата кариера, но никогаш ова, никогаш не сум отишол и не сум викал во лице на играч, тоа некако ме вознемири“.
Натпреварот беше прва средба помеѓу Сити и Арсенал по бурното реми 2:2 на „Итихад“ во септември. Габриел и Халанд потоа постигнаа гол, но останаа запаметени по судирот по голот на Џон Стоунс во последните моменти од дуелот.
Халанд потоа со топката го удри Габриел во глава, а на крајот од натпреварот побара од тренерот на Арсенал, Микел Артета да „остане скромен“.
Иако Халанд беше главниот негативен лик на судирот, Габриел не сакаше да му остане должен по голот на Одегард.
Наместо тоа, тој уживаше во секој момент од прославата, одејќи до Халанд и исмевајќи го.
Откако Халанд побара од Артета и неговите играчи да „останат скромни“ во септември, формата на Сити драстично опадна. По ремито на тој натпревар, граѓаните во следните 19 прволигашки натпревари успеаја да победат само осум пати, додека седум пати беа поразени.
Невил јасно стави до знаење дека не поддржува таков начин на славење, нагласувајќи дека додека има тензија во текот на натпреварот, почитувањето меѓу играчите секогаш треба да биде на прво место.