Преговорите за Газа ќе продолжат под оган, предупреди вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, заканувајќи се дека ова што се случува во изминатите денови е само почеток, јави Би-би-си. Тој рече дека Израел ја обновил борбата со полна сила против Хамас во Појасот Газа.
Откако во вторникот беа нападнати повеќе локации во Газа при што загинаа повеќе стотини лица, меѓу кои најмногу жени и деца, вчера израелски авиони извршија масовни воздушни напади врз цели за кои војската рече дека се поврзани со Хамас во Газа.
Воздушните напади со кои се прекина двомесечното примирје ги осуди Египет, посредник во преговорите. Портпарол на египетското Министерство за надворешни работи Тамим Калаф рече дека воздушните напади се грубо кршење на договорот за прекин на огнот и претставуваат опасна ескалација.
Нетанјаху во своето обраќање рече дека Израел се обидел да преговара со Хамас за ослободување на израелските заложници, кои сè уште се држат во Газа и го обвини Хамас дека секогаш го одбива предлогот. Тој рече дека Израел ќе продолжи да се бори за да ги постигне сите свои воени цели – „да ги ослободи заложниците, да се ослободи од Хамас и да обезбеди Хамас повеќе да не е закана за Израел“.
Хамас предупреди дека континуираното насилство од страна на Израел ќе наметне смртна казна за преостанатите живи заложници што ги држи во Газа.