Нетанјаху порача дека Израел нема да дозволи Иран да произведува нуклеарно оружје

29
epa11767048 Israeli Prime Minister Benjamin Netanyahu speaks during a press conference in Jerusalem, 09 December 2024. EPA-EFE/MAYA ALLERUZZO / POOL POOL PHOTO

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денеска дека Израел нема да дозволи Иран да произведува нуклеарно оружје, прецизирајќи дека извршил безброј дејствија „отворени и прикриени“ кои ја уназадија иранската нуклеарна програма за „речиси една деценија“, пренесува Бета.

Тоа е прва изјава на Нетанјаху за Иран откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги започна преговорите со Техеран во обид да склучи нов ирански нуклеарен договор.

„Како што неколкупати изјави премиерот – Израел нема да дозволи Иран да се здобие со нуклеарно оружје“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.

„Премиерот водеше безброј акции, отворени и тајни, за борба против иранската нуклеарна програма, без која Иран денес ќе поседува нуклеарен арсенал. Овие акции ја уназадија иранската нуклеарна програма за речиси една деценија“, се додава во соопштението.

Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла овие обвинувања и го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергија.

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, ги одржаа своите први разговори минатата сабота, со посредство на властите во Оман, за иранската нуклеарна програма.

„Њујорк тајмс“ денеска објави дека Трамп го одвратил Израел да не ги напаѓа нуклеарните локации во Иран во корист на дипломатијата.

Во Виена во 2015 година, Иран склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за нуклеарната програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.

Сепак, во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.

На 7 март, американскиот претседател рече дека испратил писмо до иранските власти во кое предлага преговори за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција.

Иранските власти тогаш одговорија со изјавата дека се против директни преговори под „максимален притисок и закани“, но се отворени за индиректни контакти.

Втората средба на официјалните претставници на двете земји е закажана за в сабота во Рим.

ИЗДВОЕНИ