Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека го „почитува“ планот на Доналд Трамп да го испразни уништениот Појас Газа од неговите жители, а планот го бранеше и американскиот државен секретар за време на посетата на Ријад.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин на самитот на неколку арапски земји во петок, првично планиран за еден ден порано, за да се претстави заеднички одговор на проектот што предизвика меѓународен гнев.
За време на посетата на Израел во неделата, државниот секретар Марко Рубио покажа солидарност со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој треба да се сретне и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Нетанјаху рече дека има обврска да го „почитува“ планот на американскиот претседател Доналд Трамп за САД да ја преземат контролата врз палестинската територија и да протераат 2,4 милиони луѓе во Египет и Јордан.
„Исто како што ветив дека по војната во Газа нема да има повеќе Хамас или палестинска управа, морам да го почитувам планот на Доналд Трамп да создаде друга Газа“, рече тој, пренесе Хина.
Планот беше отфрлен од Палестинците и сите арапски земји, што дополнително ги зголеми тензиите околу и онака кревкиот прекин на огнот во Газа од 19 јануари.
Израелскиот безбедносен кабинет треба да разговара за втората фаза од договорот за прекин на огнот, кој треба да овозможи ослободување на сите заложници во Газа и дефинитивен крај на војната.
Првата фаза од договорот завршува на 1 март.