Несудениот свекор на принцезата Дајана силувал повеќе од 110 жени – најмладата жртва имала 13 години!

281
EPA/ANDY RAIN AppleMark

Откритијата го ставаат Ал Фаед, поранешниот сопственик на луксузната стоковна куќа Херодс, меѓу најозлогласените британски сексуални престапници и покренуваат прашања за тоа како успеал да ја избегне правдата.

Пет неименувани лица, осомничени дека му помагале на Мохамед Ал Фаед, во моментов се под истрага како потенцијални „помагачи“, соопшти Скотланд Јард. Исто така, се спроведува опсежна ревизија за да се утврди дали имало пропуштени можности во претходните полициски истраги и дали има основа да се покрене постапка против поранешни или сегашни функционери за обвиненија за корупција. Се поставува прашањето како Мохамед Ал Фаед со години ја избегнувал правдата.

Минатиот месец, Гардијан пишуваше за тврдењата дека корумпираните полицајци му помогнале на Ал Фаед да ги гони вработените, вклучително и една млада жена која наводно го одбила неговиот сексуален напад.

Вкупно 111 наводни случаи на злоупотреба вклучуваат 21 жртва кои ги пријавиле злосторствата во полиција во периодот од 2005 година до смртта на Ал Фаед, како и 90 жени кои се јавија откако документарецот за Ал Фаед беше емитуван на Би-Би-Си во септември.

Се очекува полицијата да открие веќе следната недела дали ќе се соочи со независна истрага за неуспесите во нивното справување со наводите за сексуален напад против поранешниот сопственик на Херодс. Независната канцеларија за полициско однесување (IOPC) размислува дали нејзините истражители треба да ја испитаат најголемата полициска сила во Британија.

„По поплаките од две жени за квалитетот на истрагите спроведени во 2008 година, Метрополитен полицијата доброволно ги упати овие случаи до Независната канцеларија за внатрешна ревизија“, рече портпаролот на полицијата. Иако овие случаи се стари повеќе од една деценија и не можеме да го промениме она што се случи во минатото, ние сме посветени на разбирањето, транспарентноста за недостасоците на услугите и одговорите што им ги должиме на жртвите“, додаде тој.

„Свесен сум за храброста на секоја жртва која се појави да го сподели своето искуство, често по години молчење“, истакна командантот Стивен Клејман, од Специјалниот одред за криминал.

Истрага за полициското однесување и потенцијална корупција

Злосторствата за кои е обвинет Ал Фаед датираат од 1977 до 2014 година. Полицијата прегледала повеќе од 50.000 страници докази, вклучително и изјави на жртвите и архивиран материјал од претходните истраги.

Во рамки на истрагата, Дирекцијата за професионални стандарди истражува дали некој полициски службеник бил корумпиран. Детективите го испитуваат сведочењето на поранешниот директор за безбедност на Херодс, Боб Лофтус, кој тврди дека на поранешниот началник на Метрополитен полицијата му биле дадени раскошни подароци кога „му помогнал на Херодс“.

Лофтус, исто така, тврдеше дека детективот редовно примал пари како мито за извршување на наредбите на Ал Фаед, вклучувајќи го и тогашниот најнов модел на мобилен телефон од Херодс.

Клејман ги повика сите лица со какви било информации или оние кои биле жртви на Ал Фаед да контактираат со полицијата.

„Вашиот глас е важен, а ние сме тука да слушаме и да помогнеме“, рече тој.

Метрополитен полицијата нагласи дека е посветена на темелна проверка на сите информации и докази во овој случај, вклучително и какви било индиции за полициска корупција или недолично однесување.

„Оваа истрага има за цел да им даде глас на преживеаните и да ја види правдата спроведена, иако Мохамед Ал Фаед повеќе не е жив за да му се суди“, заклучи Клајман.