Несудена наследничка од Пробиштип, ѝ ветиле наследство од пола милион евра, па ѝ лапнале од сметка 20 илјади!

Нова телефонска измама објави полицијата

284

Нова измама преку телефонско ветувања за голема заработка во криптовалути. Полицијата објави кривична пријава против непознат сторител кој минатиот месец преку телефон, кажувајќи и лаги, натерал жена од Пробиштип да подигне кредити во износ од околу дваесет илјади евра. Измамата, според изјавата на жртвата, започнала во јануари, кога жената добила неочекуван телефонски повик од непознат маж, претставувајќи се како штипјанец кој живее во Велика Британија Тој ја убедил дека неговата агенција добила документ со кој се потврдувало дека таа е наследник на 590.000 евра во криптовалути. Но патот до парите бил условен, за да ги подигне средствата требало да плати одреден износ.

Нашинецот на кој жената слепо му верувала ѝ дал инструкции како да инсталира неколку апликации на мобилниот телефон, преку кои измамникот добил целосна контрола врз нејзините финансиски средства. Следно што требало жената да направи е да подигне кредит со надеж дека набрзо ќе располага со наследството. Со  „помош“ на измамникот, таа подигнала кредит од 250.000 денари во финансиско друштво, кои веднаш биле префрлени преку апликациите. На почетокот на февруари, жртвата извадила извод од банка и открила дека без нејзино знаење, преку електронско аплицирање, биле подигнати два кредита во вкупен износ од 1.184.000 денари или повеќе од дваесет илјади евра. Од полицијата велат дека се преземаат мерки за откривање на сторителот.

Според полициската статистика од година во година расте бројот на измамени граѓани заради подигнување на брзи кредити, во 2023 година пријавени биле 89 случаи, а поднесени биле 18 кривични пријави во кои МВР нотира вкупно 30 измамници.

Дополнително, споделувањето на личните податоци заради брза заработка стана секојдневие во полициските билтени. Жртви најчесто се жени во повозрасни години кои внимателно се избрани од измамниците како лесни жртви од кои можат да извлечат пари. На социјалните мрежи, граѓаните објавуваат измами и преку телефонски пораки. – Вашата нарачка е подготвена за испорака. Ве молиме потврдете ја царинската такса на линкот подолу, е содржината на пораката која ве наведува на лажен линк до Федекс каде што се оставаат податоците од банкарската сметка. Понатаму со наводна грешка во добивањето на СМС-кодот, измамниците купуваат на време и ги влечат сите податоци од картичката. Познавачите предупредуваат, не кликајте на понудените линкови и проверете ги податоците од испраќачот, јавете се на телефонот и проверете дали фирмата е вистинска. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ