Несовесни лица ja оштетуваат каналската мрежа за наводнување со тоа што фрлаат гранки во каналот во Тиквешко. На тој начин тие предизвикуваат штети и им создаваат проблеми на вработените во водостопанското претпријатие, со што индиректно ги оштетуваат и земјоделците што наводнуваат од хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш”.
Ова го обелодени Атанас Ризов, директор на подружницата „Тиквеш“ на АД „Водостопанство“.
– Бележиме кражби како на државен имот – дел од системот за наводнување – така и кај приватни лица водокорисници, на кои им крадат делови од личниот имот за полевање на земјоделските култури. Токму деновиве имавме таква кражба на решетки на главните линии за наводнување, кои имаат цел да го собираат отпадот да не влегува во каналот за наводнување. Случајот ќе го пријавиме во полиција – дециден е Ризов.
Тој потсети дека минатата наводнувачка сезона, но и сега, се соочиле и со друг проблем. Несовесни граѓани сечат дрвја и ги фрлаат гранките во каналската мрежа.
– Ние ги исчистивме сите канали во пресрет на наводнувачката сезона, која започнува на 15 април. Доколку се фрла отпад во каналите, ќе се сопре водата, која ќе нема можност да дојде до потрошувачите, а постои и опасност од кинење на каналите и од поголеми штети – подвлече Ризов.