За утре во 12:30 часот е најавен мирен протестен марш пред Министерството за животна средина и просторно планирање кој потоа ќе продолжи пред Државниот инспекторат за животна средина.
Од Зелен Хуман Град кои се организатори на протестиот марш велат дека институциите не одговориле на барањата за еколошкиот инцидент поврзан со истекувањето на токсични материи предизвикано од рудникот Тораница.
– Во целата оваа трагедија единствено очигледно е дека имаме непростливи институционални пропусти и нас нѐ интересира кој од службените лица ќе одговара за нив. Групите кои се членки на Зелен Хуман Град речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи без оглед кој е на власт. Се обраќаме до нашите сограѓани кои се членови на партиите на власт: партијата нема да ве спаси ниту вас ниту вашите најмили од болести, партијата нема да ве спаси од умирачка! Не молчете! Бидете гласни внатре во партијата! Не им дозволувајте на вашите сопартијци поради лична придобивка да ви ги загрозуваат животите! Побарајте одговорност од секој член на вашата партија што се сомневате дека сака да го прикрие труењето од Тораница! Од Крива Река и од Тораничка се наводнуваат посеви, се напојува добиток. Дојдете со нас, сите заедно да побараме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита на нашето здравје и животната средина – се вели во повикот.