За српските, но и за другите туристи што доаѓаат од север, најблиската траса на патот до грчките туристички места е низ Македонија, поточно автопатот „Пријателство“ од Куманово до Гевгелија. Ова е најексплоатираниот автопат, чии одделни делници се стари и по 60 години.

Возачите што возат од Куманово по овој автопат, постојано упатуваат критики за неговиот квалитет. Велат дека, по првото исклучување на лентата кон Скопје, коловозот е нерамен и се чувствува тоа, па дури и возењето со возило со врвна удобност не може да го амортизира тоа. Траскање и потскокнување на возилото има сè до второто исклучување кон Скопје, речиси седум километри.

Од Петровец до Катланово, делница од 11 километри, се вози по рехабилитиран модерен пат, кој, всушност, е стариот пат, кој се правеше со години. На оваа делница е најголемата новина. Место испрекинати линии во бела боја, која ги раздвојува лентите, поставени се бели пластични ленти, кои треба да траат со години. Меѓутоа, на оваа делница, сè уште не се завршени градежните работи и се поставени бариери за раздвојување, но на поголемо растојание, што е исклучително опасно.

Како е можно некому од надлежните за патен сообраќај да не му паднало на ум да стави барем привремена ограда или почесто да стави бариери за да спречи луѓето да направат нешто лудо, односно да преминат од едниот правец во другиот, па да возат во спротивна насока. Нејасно е зошто толку се штеди на поставувањето вакви бариери.

Исто така, возачите предупредуваат на слично опасно место, а тоа се десетина метри од средишниот појас на автопатската делница Неготино – Демир Капија, каде што се изведува рехабилитација на левиот и на десниот коловоз. Ова не е од вчера, туку стои така од лани и е нејасно како никој од надлежните од ЈП за државни патишта и од ЈП „Македонија пат“ не реагирал за оваа опасност, да се постави некоја ограда, табла или знак со известување.

Имено, можно е некој возач, по магла, дожд или во мрак, или, пак, некој пијан возач да премине на другата страна и да вози во спротивен правец, па да предизвика директен судир. Додуша, на терен постојат бетонски столпчиња, но никој не дошол барем да ги подигне или да монтира дел од оградата. 

Исто така, на исклучувањето кај Неготино, мора да се премине на другата страна на автопатот, поради работи на обновување на асфалтот. По шест километри возење, повторно се враќа на десната страна. Тука, во летната сезона, се прават колони возила. Лани беше затворена левата, а сега другата страна. Мораше да се направи ова, коловозот се распаѓа, но се поставува прашањето дали можело да направи ова порано, а не спроти летната сезона.

Патната инфраструктура во земјава е во лоша состојба и не може да се спореди со патиштата во соседните држави. Од друга страна, властите најавуваа дека Македонија ќе се поврзе со европските коридори што поскоро, а за тоа ќе мора да се инвестира во автопатишта за да не бидеме заобиколени како држава. Но, засега нема ништо од тоа, иако не само годините туку и децениите забрзано поминуваат, а граѓаните на Македонија мака мачат да возат по патиштата стари и до 60 години.

Интересно е тоа што секоја година се зголемуваат приходите од наплата на патарините, а надлежните велат дека со тие пари се одржуваат патиштата. Од ЈП ДП велат дека приходите по овој основ на годишно ниво им се зголемени за 100 отсто. Официјалните податоци велат дека во 2020 година се наплатени 34 милиони евра, во 2021 приходите се зголемиле на ниво од 46 милиони, следната 2022 година тие достигнале 53 милиони евра, а во 2023 година – 62 милиона евра.

– Со тие пари, ние успавме да ги рехабилитираме и реконструираме дел од патиштата во земјава. Истовремено, успеавме и да го преземеме одржувањето на автопатиштата, кое беше во надлежност на друго јавно претпријатие, и ги расчистивме автопатиштата и сега не се во таа состојба во која беа пред 2023 година – велат од ЈП ДП.

Нашите патишта, односно коловозни конструкции, се димензионирани за 20-годишен период на експлоатација. Некои од нашите патишта се во експлоатација повеќе од 25 години. Науката вели дека на 12 до 15 години треба да се преземат некои мерки. Кај нас, не се правело тоа во определен момент од повеќе причини.

Кај нас, патот го користиме уште 5-7 години, но кривата на употребливост во кој влегуваат комфорот, безбедноста и други фактори ќе почне драстично да опаѓа и возачите со право реагираат за тоа. Со помал зафат и рехабилитација, повторно може да се подигне таа крива, односно квалитетот на патот.

(С.Бл.)