Зелениот Картон е сеуште неопходен документ за влез со моторни возила во било која држава во Европа, како и во соседните Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Молдавија. Во овој момент не треба да се создава забуна кај сопствениците на моторни возила и да се шпекулира. Зелениот картон е во функција  и тој е потребен.

– Тој е во функција и е неизвесно кога и дали воопшто ќе има промени околу неговото користење – велат од Националното биро за осигурување (НБО).

Според нив, прашањето за спојување на Зелениот картон и вклучување на премијата од Зелениот Картон во полисата за осигурување од Автомобилска Одговорност е доста комплексно и сериозно прашање кое подлежи на  меѓународна и домашна регулатива.

– Тоа не е нешто што може да се промени преку ноќ, и затоа не треба да се шпекулира, и корисниците да се доведуваат во заблуда. Точно е дека на оваа тема се разговара во регионот, но во моментов нема консензуз ниту заеднички став, бидејќи членките држави на ЦЕФТА имаат во примена сосема различни модели на функционирање на системот на зелена карта – потенцираат оттаму.

Од Националното Биро истакнуваат дека тоа е комплексно прашање кое што не може да се регулира поединечно, туку кога се регулира тоа мора да биде генерално. А измените околу зелениот картон зависат од внатрешните одредби и Интерните регулативи (ИР) на Советот на Бироа во Брисел, од Законот за Задолжително осигурување во сообраќајот, од склучените билатерални договори помеѓу Националните Бироа во регионот и пошироко, како и од имплементираниот Тарифен систем и Правилниците на НБО за обработка и плаќање на штети по Зелениот Картон според внатрешните одреби на Советот на Бироа во Брисел.

– Точно е дека во ЦЕФТА Секретаријатот е отворено прашањето за некакви промени околу Зелениот Картон, но станува збор само за еднострано мислење и видување на начинот и потребата од користење односно не користење на Зелениот Картон како документ за влез со моторни возила во државите од ЦЕФТА. Непрактичноста на идејата за укинување на Зелениот Картон само за државите од  ЦЕФТА е дотолку повеќе што граѓаните, пак, ќе користат Зелен Картон за влез во било која друга држава членка на ЕУ и потписнички на Мултилатералната спогодба одобрена од Советот на Бироа во Брисел – нагласуваат од Националното Биро.

Оттаму потсетуваат дека во иднина останува отворено прашањето за комплексноста на Зелениот Картон, неговото укинување со вклучување на премијата од Зелениот Картон, врз основа на актуарски пресметки во премијата на полисата за Автомобилска одговорност, со што се создаваат можности за вклучување на Зелениот Картон во таканаречената Мултилатерална спогодба поддржана од Советот на Бироа – Брисел и немањето на потреба од користење на Зелен Картон во сите европски држави па и во државите од ЦЕФТА процесот.

ИЗДВОЕНИ