Непокорот е слобода, младите да не ја заборават нашата историја

46

Сојузот на борци Тетово подготви 19-дневна програма за чествување на 80-годишнината од ослободувањето на градот.

– Оваа програма што ја подготвивме е квалитетен мултимедијален настан. Имаме изненадувања и специјални гости вечерта, на централната градска празнична свеченост, на 18.11.2024 година во 19:00 часот, во културниот дом „Иљо Антески-Смок“. Во рамките на свеченоста, ќе биде доделено годишното градско признание „19 Ноември“, за животно дело и особен придонес, од страна на Градскиот одбор составен од осуммина членови (четворица од Сојузот на борци и други четворица значајни граѓани, кои секоја година се ротираат), а што го обновивме пред три години. Влезот на градската свеченост е бесплатен. Значи, од 2 до 19 ноември, подготвената програма е со низа настани и сето тоа во чест на ослободувањето на градот – информираше претседателката на Сојузот на борци Тетово, Лилјана Симовска.

Таа нагласи дека непокорот е слобода, а следејќи го патот на борците од НОБ, како нивни продолжувачи и следбеници, се трудат младите генерации да не ја заборават нашата историја, славејќи ги сите значајни датуми, државни празници што се дел од нашата историја.

– Нашите радост и задоволство се преголеми кога се учениците и нашите сограѓани со нас на тие чествувања. Како организација, одлучивме пред три години, односно го поддржавме предлогот на нашиот член на претседателството, Даријан Сотировски, да ја реформираме градската свеченост во пресрет на Денот на ослободувањето на Тетово – 19 Ноември. Оваа година славиме 80 години слободно Тетово и одлучивме да направиме 19-дневна програма за чествувањето. Низ сите тие настани провејуваат сплотеност, единство, љубов кон родниот град и луѓето, кои, секако, го прават голем и горд сите изминати 80 години – заклучи Симовска.